Помина годината и заврши првото полугодие од учебната 2021/2022 година. Пандемијата предизвика турбуленции во сите општествени полиња и не го одмина образованието. Брзиот, изнуден премин на масовна употреба на технолошки сретства, кои во огромен број недостасуваат, слаб интернет, избрзана и неуспешна реформа се карактеристики и на ова полугодие. Дел од учениците имаа настава со физичко присуство и тоа ги радуваше, но голем дел од нив немаа учебници. Немаа учебници и најмладите, поради таканаречената реформа на Министерката, напиша на својот фејсбук профил Проф. д-р Весна Јаневска.
Образованието оваа година иако бесплатно ги чинеше родителите и фотокопии и таблети и превоз и се друго попатно. Огромен број ученици околу 13 000 поминаа низ институциите на задравствениот систем како позитивни за КОВИД19. Постојано некои и ученици и наставници беа во изолација и отсутни од часови. Дел од нив воопшто не беа евидентирани, ниту како болни, ниту како отсутни. Децата на минусни температури седат во учиилница со отворени прозорци, или стојат во дворот на овој студ за да се проветри училиштето, затоа што тоа било според протокол. Си велам некој да ги адаптираше или барем да препишеше соодветни протоколи. Наставниците велат дел од децата страдаат заради ефектите од пандемијата, многу, и еден помал дел се прилагодиле на новата реалност. Сето ова е познато и повеќе пати коментирано и од мене и од многу други. Сега се отвара ново прашање. Како понатаму со наставата во очекување на нов бран од мутацијата омикрон, или и без неа после прославите на празниците. По, не се знае кој пат, превентивните мерки против Ковид19 се несоодветни. Следат прослави, преполни кафулиња и кафеани, преполни станови и викенд куќи, слично како летото. Очекувано е зголемување на бројот на позитивни, болни и преполни болници. Во такви околности нема да имаме избор, распустот ќе мора да се продолжи. Би било уште полошо ако после продолжениот распуст биде неопходно да се премина на учење на далечина.
Да имаше Министерката малку слух за учениците, родителите и наставниците, да мислеше на здравјето на учениците, состојбата ќе беше подобра. Имаше критики, нудени беа решенија и компромиси, побаран беше консензус за реформите во образованието, но залудно. Оваа Влада и оваа Министерка знаеја “најдобро и можеа најмногу“. Резултатите се поразителни.
Она што деновиве се случува е нешто кое ме плаши дека води по пат само во еден правец. Настрана образованието, деновиве се соочуваме со јасни закани по безбедноста на учениците, но и наставниците. Зборувам за информациите дека ученик “мавнал“ наставничка со ранец по глава. Медиумите соопштија дека директорката на училиштето се обидела да го сокрие случајот, за “побезболно“ да се куртули од ученикот, кој бил деветто одделение. Не слушнав епилог на настанот, ниту некој спомна психолог, педагог, социјална служба. Другата информација вели дека наставник удрил ученик со метален предмет по глава. Медиумите соопштија дека наставникот подолг период бил проблематичен. Се прашувам зошто бил толериран, зошто не биле превземени мерки. Деновиве еден родител се жали дека детето му било физичко нападнато во сред бел ден, а вчера во близина на училиштето ученичка од седмо одделение била злоставувана од постар маж. Општината се правда со тоа дека настанот не се случил во училишен двор. Дали е можно вакво лицемерие? Наместо веднаш да се бара сторителот, педофил, да се бара одговорност од обезбедувањето, да се отвори постапка, да се алармираат родителите и децата, тие некои, велат, не било во училишен двор, било во близина на училиштето. Всушност, не ме чуди, откако во земјава се воведе принципот на неказнивост, односно само селективна казнивост, овие вака што одговараат и нема зошто да се грижат, секое чудо за 3 дена. Луѓе живи изгореа, никому ништо, та за девојчето што некој и покажувал порнографски слики и ја допирал по телото, нема проблем. Поимот одговорност како да се брише од нашата свест, па затоа сите мислат дека ако најдат некакво оправдување совеста им е чиста. Очекувам дека во напад на моиве ставови некој ќе праша до каде се ингеренциите на обезбедувањето и дека тие имаат ингеренции само во дворот, а јас ќе прашам: А каде е човечноста луѓе? Само во дворот?
Не сите училишта имаат обезбедување. Во вакви времиња се прашувам зошто да немаат. Ако нема обезбедување има други решенија, можеби има потреба од полиција пред училиштата, ама некој треба да помисли на тоа. Впрочем, институциите на државата да си ги вршат работите, ќе најдат решение, но не си ја вршат. Си мислам луѓето и родителите на девојчето воопшто не ги интересираат превирањата во СДСМ, коалиционите уцени, расправии и барања, нови премиери и министри, нив ги интересира нормален и безбеден живот.
За жал безизлезноста, безперспективноста, незаинтересираноста, апатијата и депресијата им овозможија на оние другите, оние без одговорност, без совест, без свест, без морал, без се’ што не прави луѓе слободно да ги исполнуваат своите најтемни желби и страсти, мислејќи дека тоа ќе остане неказнето.
Барем децата да ги заштитеше Министерке, деца се, цел живот со трауми ќе останат. Не е твоја должност? И ТВОЈА Е!!! БАШ Е!!!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.