Кога еден од најценетите албански интелектуалци (барем така го ценевме) ќе каже „албанското општество во МК“ – човек треба да се подзамисли особено кога промовира едно опШесво за сите или како беше онаа сега слична фраза на ДПМНЕ. Граѓанственост и демос НЕМА, ниту имало, а Охридскиот е предворје за следната фаза која се одвива, со таа разлика што (дел од) „македонското општество во МК“ или не е свесно за тој процес или намерно турка кон некакви наднационални, па и балкански фантазми, пишува професорката Билјана Ванковска на својот фејсбук профил.

Одамна е готово. Ако Македонија не се периципира и не функционира како едно општество, уште помалку ќе функционира како (унитарна) држава. Толку барем разбирате, нели, вие што употребувате оксиморони како мултиетничка држава или мултиетничка демократија? И да појаснам за оние кои ќе ме ловат за збор: општеството (секое општество) по дефиниција е плурално, полно со различности и идентитети, интереси и контрадикции, па и конфликти (што не е исто што и насилство). Тоа се воспоставува хоризонтално и е обично живо и променливо (особено во делот на различните идентитетски групи), но државата претпоставува вертикална организација и институции пред кои сите се еднакви како граѓани, како политички битија. Или, ја нема! Кога државата доминира врз општеството, тоа е рецепт за автократија или дури и тоталитаризам, ама кога општеството ќе ја маргинализира државата или ќе прогласи дека таа не му треба, тогаш тоа е знак дека нема политичка заедница ни општествен договор меѓу различните индивидуи и групи. Или дека делови од општеството се конституираат врз база на сопствени „општествени договори“ кои можат да бидат во колизија со оној означен во Уставот, како повелба на заедничката држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.