И денеска продолжуваат интензивните партиски и активности на независните кандидати за градоначалници и советници. Најавени повеќе митинзи и средби на кои граѓаните во 80-те општини и Градот Скопје ќе можат да ги слушнат понудите на партиските и независните кандидати.
Коалицијата предводена од СДСМ централни собири ќе одржи во Тетово и Ѓорче Петров, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Куманово и во Кисела Вода, а ДУИ ќе ја продолжи кампањата во Студеничани. Независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, ќе одржи прес-конференција, а во Кичево, Демир Хисар и во Маврово-Ростуше предизборни активности на ќе има движењето „Одлучно за промени“, предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП.
Политичките партии и независните кандидати во текот на изминатата недела од почетокот на кампањата своите програми за овие локални избори ги претставија во повеќе градови и населени места во земјава. Тие ги повикуваат граѓаните што помасовно да излезат на Локалните избори 2021 и да го дадат својот глас.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќањето на митингот во Гостивар, ја обвини актуелната власт дека не води грижа за народот, кој како што рече е западнат во сиромаштија и се мачи да да го помине од први до први месецот. Оттука, рече тој, нашата задача е да се исправи неправдата.
Ние мора да ја исправиме неправдата. Мора да се бориме и да се бориме за она што веруваме. Јас во Гостивар гледам луѓе подготвени да се борат. И знаете со оваа власт не може да биде подобро. Сите знаеме дека волкот влакното менува, ама не и карактерот. Со овие не може да е подобро, затоа се потребни промени – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој оцени дека нашата држава денес е најкорумпирана во Европа. Според него, државата ја водат политичари криминалци во Владата и, како што нагласи, тоа е наш колективен срам. Зборувајќи за важноста од овие избори, Мицкоски додаде дека шансата за да се промени тој срам е 17-ти октомври, а вината ја посочи во актуелната власт.
Лидерот на СДСМ Зоран заев од митингот во Виница порача дека партијата инвестира во сегашноста и иднината и нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да ја растура државата. Најдобар доказ како треба да се работи, според него, е општина Виница.
Реализацијата на инфраструктурни и комунални проекти во изминатите четири години во Виничко, рече, е показател како се работи одговорно и според европски стандарди, наспроти претходниот осумгодишен период исполнет со стагнација и разграбување на јавните пари.
ВМРО-ДПМНЕ не може да испорача проекти за граѓаните, бидејки ова ВМРО-ДПМНЕ е изданок на режимот којшто е навикнат да ги краде народните пари и затоа е опасно да им се довери раководењето со некоја општина или со државата. Додека сиромашни спиеја по улиците, млади беа тепани и заминуваа од државата, наставници беа уценувани, лекари беа деградирани, ВМРО-ДПМНЕ злоупотребуваше милиони евра за изградба на околу 300 споменици – истакна Заев.
Пред граѓаните на Виница тој претстави и дел од проектите што се од значење за развојот на локално ниво, а за кои поддршка дава и државата.
Изборната кампања за Локалните избори 2021 започна на 27 септември, а треба да заврши на 15 октомври
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.