Продолжува судењето за „Рекет“

Македонија 06.02.2020 / 9:56

Денеска продолжува судењето за  случајот Рекет во Основниот кривичен суд во Скопје.  Ќе се продолжи со презентирање докази, а на ред се снимки доставени од сведокот Јордан Камчев во Обвинителството.

На последното  рочиште беа презентирани фотографии од предмети одземени при претресот на домовите на Бојан Јовановски и Катица Јанева, како и од претресот на домот на Зоран Милевски-Кичеец, кој призна вина.

Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.