Во Собранието денеска напладне треба да продолжи расправата по Предлог-законот за попис. Пратениците вчера и завчера ги искажаа спротивставените ставови главно околу тоа дали на земјава токму оваа година и е потребен попис и колку процесот ќе биде навистина статистички, а не политички.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пописот е политички договор и пазарење меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата и за задоволување на внатрепартиските барања, со однапред утврден исход, како и алатка за демографски и етнички инженеринг, а резултатите што ќе се добијат од него, нема да бидат релевантни, ниту ќе ја отсликуваат реалната состојба во државата. Предлог-законот, смета опозициската партија, е со низа недоследности, во него не се вметнати регулативите и стандардите на ЕУ и Евростат, поради што треба да се повлече и да се отвори широка јавна дебата со цел постигнување општествен консензус.

Законот предвидува попишување државјани, а не резидентно население, не ги содржи методологијата и компаративните бази на податоци и овозможува давање податоци само со усмено кажување на матичниот број, се главните забелешки на ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ, Предлог-законот што треба да се донесе по скратена постапка е транспарентен и објективен, а неговото донесување е од суштинско значење. Пописот ќе го спроведе Државниот закон за статистика (ДЗС) и ќе овозможи релевантни податоци врз основа на кои ќе се креираат равојни, долгорочни политики и стратегии.

Согласно законот, пописот треба да се спроведе од 1 до 22 април оваа година, а со него ќе бидат опфатени и лицата кои работат надвор од државата.

Од ДЗС најавуваат дека пописот ќе биде спроведен согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат. Планирано е постапката да заврши за шест месеци и да чини вкупно 8,5 милиони евра.

Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година, а најавениот попис во 2011 година не се реализира.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.