Бројот на новорегистрирани случаи на позитивни со Ковид-19 и натаму е троцифрен. Во текот на минатото деноноќие беа регистрирани нови 127 случаи со Ковид-19, со што вкупната бројка се искачи на 13.799. Надлежните, пак, тврдат дека земјава навремено ќе добие пристап до вакцина, тогаш кога истата ќе биде достапна.
Од почетокот на епидемијата, бројката на оздравени пациенти е 10.210, а на починати 573. Во моментов во земјава има активни вкупно 3.016 случаи.
Според извештајот на Министерството за здравтство, вчера биле направени 1.768 тестирања, а регистрирани се 127 нови случаи со Ковид-19: во Скопје 38, Куманово 23, Штип 3, Прилеп 15, Тетово 8, Струга 2, Велес 5, Гостивар 12, Пробиштип 3, Пехчево 2, Берово 3, Делчево 3, Свети Николе 3 и по еден во Дебар, Битола, Охрид, Кавадарци, Струмица, Виница и Неготино.
Починале пет лица, а оздравени се 60 пациенти и тоа од Скопје 19, Дебар 1, Битола 3, Кавадарци 11, Гостивар 22, Демир Хисар 1, Кичево 2, Неготино 1.
Од општините во главниот град, се уште најмногу активни има во Чаир. Заклучно со вчерашниот ден, таму се евидентирани вкупно 117 активни случаи. Потоа во Гази Баба 108, Аеродром 104, Карпош 95, Центар 94, Кисела Вода 94, Ѓорче Петров 67, Бутел 68, Шуто Оризари 38, Студеничани 20, Сарај 23…
Во однос на вакцината, министерот за здравство, Венко Филипче соопшти дека пристап до вакцината ќе имаме кога истата ќе биде достапна.
Филипче додаде дека набавка за имунизирање на 20 отсто од население според него е разумна количина. Во таа група влегуваат постарите лица, хронично болните, децата.
Апсолутно навремено ќе имаме пристап тогаш кога вакцината против Ковид-19 ќе биде достапна. Набавка за имунизирање на 20 отсто од населението е нешто што засега се смета дека е некоја разумна количина, согласно со сегашните сознанија. Има ризични групи кои се први за вакцинација, но секако ги следиме и новите сознанија и препораки – истакна Филипче.
Набавката на вакцина против Ковид-19 за потребите на државава, како што рече, ќе се врши преку механизмот КОВАКС при Светската здравствена организација, но и преку веќе добиената понуда од Полска, потребните количини за земјава да се набават преку механизмите на Европската Унија.
Сепак, како што додаде министерот, уште не се познати ниту количините, ниту како ќе се одвива распределбата по земји. Во врска со вакцините против сезонски грип, Филипче вели дека годинава од вообичаената бројка од 28 илјади вакцини, се набавуваат 40.000 и плус 20.000 кои ќе се добијат од донација.
Значи ќе имаме 60.000 вакцини, двојно повеќе од тоа што сме имале претходните години. Со оваа вакцина ќе бидат опфатени повеќе ризични групи кои сметаме дека треба да се вакцинираат, меѓу другото и здравствените работници кои ќе одлучат да ја примат, со оглед на тоа што не е задолжителна вакцина. Дали ќе има вкрстен имунитет со кој оваа вакцина ќе штити и од Ковид-19 тоа не го знаеме со сигурност. Освен ризичните групи кои вакцината за сезонски грип ќе ја добијат бесплатно, ќе има одредени колични и за комерцијална продажба – истакна Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.