Продолжуваат активностите насочени против предлогот на Мила Царовска и Владата за воведување на дигитални учебници во основното образование. Преку иницијативата „Учебници и настава мора да има“, беше испратен ултиматум до Министерката и надлежните – доколку не се прекине постапката за донесување на законот, следуваат протести, бојкот и граѓанска иницијатива.

Поделеност има меѓу родителите и учениците по најавите за бојкот на наставата во Битола, градот од каде што е и воспитувачката Драгана Спасевска, потпишана како овластена претставничка на фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“.

Таа преку оваа група со околу 70.000 членови најави и денеска бојкот на наставата и се заканува дека ако Министерството за образование не ги чуе нивните барања најавија дека в недела ќе излезат на протест низ сите градови во земјава. Бараат да се стопира носењето на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој го усвои Владата на 27 април и ќе оди во Собранието, да се организира јавна расправа и нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.

Во Скопје, по бојкотот на наставата на дел од средните школи на 28 и 29 април, денеска против воведување дигитални учебници ќе  бојкотираат учениците во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Дел од родителите безусловно ја поддржуваат фејсбук групата, а други реагираат дека нема добра организација, не се знае што ќе биде со изостаноците и дека ова е лош период за бојкот бидејќи се ставаат завршните оценки.

Ќе се обратиме и до СОНК и до Бирото за развој на образованието. Затоа ве охрабруваме сите да се придружите кон бојкотот, со тоа што навремено ќе бидат известени сите инсистуции за продолжување на бојкотот.

“Ова барање е следен логичен чекор на групата на граѓани, согласно стратегијата за покренување на граѓанска иницијатива на национално ниво против донесувањето на Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, а согласно Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Имено, на ден 28 Април 2021, овластениот претставник на групата на граѓани поднесе барање до МОН, Влада на РМ и Собрание на Р.М., во кое беа наведени целите, барањата и следните чекори во реализација на граѓанската иницијатива на национално ниво.

Во барањето беше наведен првиот чекор, односно бојкот на наставата доколку не бидеме соодветно прифатени и ислушани од одговорните во надлежните институции.

Бојкотот спонтано го почнаа и го поддржаа родителите во групата на граѓани како реакција и незадоволство од однесувањето на Министерката за образование и наука.

Досега групата на граѓани не го координираше бојкотот во основните и средните училишта. Сепак, согласно изјавите дадени пред медиумите, ќе останеме доследни на нашите ветувања пред граѓаните и ќе превземеме активности за координација на бојкотот на национално ниво.

Очекуваме разбирање и почитување на изборот на родителите и средношколците за бојкот на наставата, вклучително и воздржување од притисок и закани од надлежните во училиштата. Бојкотот ќе продолжи се додека не добиеме соодветен прием кај надлежните и не бидат соодветно разгледани нашите барања.

Секако ќе ги одржиме и ветувањата за организирање на протести, оставка на министерката и граѓанска иницијатива против донесување на законот, доколку не го земете предвид мислењето и гласот на граѓаните.

Ова го правиме единствено и само во најдобар интерес за нашите деца, а понатаму и за сите следни генерации кои треба да растат и да се развиваат во здраво општество и здрава средина.

Нашите деца се наш прв приоритет и ќе направиме се што е потребно да ги застапуваме и унапредиме нивните и нашите права. Ние бараме реформи “по мерка на ученикот” и се надеваме ќе биде земено во предвид до надлежните.”

Со почит
Драгана Спасевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.