Според одлуката на Владата, од 1 јуни годинава престануваат да важат заклучоците со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки.

Како што соопштија од владата, оваа одлука не важи за хронично болните и за родителите кои имаат деца на возраст до 10 години, или деца на претшколска возраст, додека не се отворат градинките.

Но, граѓаните се жалат дека овие права нема да можат да ги остварат кај голем дел од приватните компании.

Во пракса конечно се покажува она на што со еконимските експерти со месеци укажуваа – дека владините економски мерки за помош на приватните компании се недоволни и недоречени. Кризата во економијата веќе ја чувствуваат работниците, а ова е само почетокот.

Дел од вработените со мали деца или хронични болести се ставени пред свршен чин – или да го искористат летниот одмор сега или да размислуваат за друго работно место.

Денес ни кажаа: одморот ви го земаме, парите што ви ги дававме сега ќе ви ги одбиеме од наредните плати. Вратете се на работа од утре или чао, се жали мајка на 5-годишно дете.

Вакви примери има безброј. Граѓаните се жалат за неисплатен надомест за самостојните работници, за намалување на платите, за принуден одмор, непочитување на мерките од страна на компаниите.

Проблеми има и со недоречените мерки за трудниците. Филипче не даде конкретен одговор на прашањето дали трудниците треба или не да се вратат на работните места од 1 јуни.

По индикација, во зависност од состојбата, мислам дека индивидуално може да се цени тоа и врз основа на тоа да се носи одлука, рече министерот Филипче, „успешно“ одбегнувајќи го ова прашање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.