Татко на едно од убиените момчиња кај Смилковско езеро, Горан Наќевски, побара од судијата Огнен Ставрев стражарно да го приведе премиерот Зоран Заев затоа што како политички противник на ДУИ им изнел конкретни докази за вмешаност на функционери од ДУИ во свирепото убиство. Таткото, под морална и кривична одговорност, изрази желба, неповикан, на  судењето за предметот „Монструм“ да даде изјава и судијата Ставрев му дозволи.

Во изјавата, тој го обвини Заев дека откако е склучена коалицијата со ДУИ тој манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.

Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде 6 разговори државна тајна за 6 функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа 5. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни – рече Наќевски.
Тој продолжи, во име на сите родители: Бараме претрес да се изврши во седиштето на СДСМ. Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме!

Судот не се изјасни за барањата на родителите на убиените деца. Судењето е одложено бидејќи обвинетиот Фејзи Азири се разболел. Родителите остро реагираа на тоа. Обвинителката Фатиме Фетаи забележала дека нема комплетна документација за разболениот обвинет како доказ. Судијата Огнен Ставрев им вети на револтираните родители во судницата: Ви ветувам одиме до крај, брзо ќе дојдеме до вистината. Од вас барам само да ми помогнете и да бидете уште малку трпеливи!

На 24 ноември минатата година, Врховниот суд ги укина пресудите на Апелациониот и Основниот суд Скопје 1 за предметот „Монструм“ и го врати случајот на повторно судење. Со ваквата пресуда на Врховниот суд беа уважени жалбите на осудените за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, што се случи на 12 април 2012 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.