На денешниот состанок на министерот за здравство и претседателката на Комитетот за имунизација со директорите на сите Здравствени домови во земјава биле посочени неколку клучни сегменти за вакцинацијата против коронавирусот. Ќе се спроведува во сегашните пунктови, а вработените ќе поминат соодветна едукација. Еден од предизвиците ќе биде чувањето,доколку во Македонија дојде вакцината на Фајзер и Бионтект која се одржува на -70 степени.

Ние како Здравствен дом Скопје немаме такви фрижидери на -70, не верувам дека и помалите здравствени домови имаат. Ќе почекаме да видиме дали министерството ќе ги набавува, а ние сме подготвени како Здравствен дом Скопје да набавиме, изјави д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје за Сител.

Вакцината ќе биде бесплатна и незадолжителна. И во Македонија секој кој ќе се вакцинира и побара ќе добие сертификат, бидејќи најверојатно без него нема да може да патува во многу држави. За ова треба да прецизираат министрите за земјите членки на ЕУ.

Може некои земји ќе им побараат документ за да може да се влезе на нивна територија, ова допрва ќе се организира. И ние најверојатно ќе издаваме таков сертификат односно документ за да може граѓаните оние кои сакаат да патуваат, рече д-р Исјановски.

И додека во некои земји денови се во прашање за почеток на вакцината против Ковид, кај нас вакцинацијата ќе почне најрано во првото тромесечје од 2021. Според најавите од здравствените власти планирано е да се набават 2.4 милиони дози за 60 до 70 проценти од населението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.