Петнаесет години официјално Прилеп го има како заштитник. Неофицијално, е вековит голем празник. И не случајно од памтивека е изреката: половина прилепчани го слават свети Никола како куќна слава, а другата половина им оди на гости. И не случајно – прилепските домаќинки надалеку се познати со уникатното приготвување на малите посни сарми. Колку ноктот од прстот. Колку помали, толку побисерни, повкусни, повпечатливи, поголем доказ за домаќинлакот. Пред 10-ина години тие влегоа и во Гинисовата книга на рекорди.

Но, годинава сѐ е поинаку, како никогаш досега. Пандемијата ни ги промени, во многу нешта, животот и начинот на живеење, секојдневието, функционирањето. Посебно празнувањето.

Лилјана Ѓорѓиоска е претседателка на здружението на жени „Преродба“. Со години ги одржуваат, потсетуваат, на традиционалните обичаи за сите празници. Вели, традицијата на одржала низ вековите, ама во неволја, а времињата се такви, уште повеќе. Пред еден месец ја помина голготата со корона-вирусот. Не беше во лоша форма, ама поради другите заболувања и астмата, поминала тешки денови и премрежја. Ама сега, фала му на Бога, вели, здрава сум. Со носталгија се сеќава на, до лани, сите адети за приготвувањето на 60, 70, па и 80 000 мали посни сарми. За сите прилепчани, за адет. Голема беше софрата среде град; сите да каснат посен грав, мали сармички, риба, за благослов. Празникот свети Никола е за дарување.

Се чувствувам добро. И здраво, колку може. Тоа е најбитно. Ама носталгијата, традицијата, адетите, ме влечат. Годинава сѐ е поинаку. Прво здравјето, па сѐ друго. Досега сфаќавме „здраво за готово“. Ама не е ни малку шега, напротив, крајно немилосрден е вирусот. Сега се чувствувам здраво, па да побараме заштита и во традицијата, адетите, но и во, најголема мера, претпазливоста. Пред очи ми се сликите на заедничката светиниколска посна трпеза, на радоста, заедништвото. Ми недостасуваат. Но, и тоа ќе го има. Ама сега, прво, здравјето. Здравје, па традиција, па… кој знае. Дај Боже да сме на нога, здрави, живи и умот да не крепи, вели Ѓорѓиеска.

Градските власти и секоја година – кумовите за прославата на свети Никола, веќе кажаа – нема заеднички ручек. Ќе има благословување на погачата во црквата „Свето Благовештение“ и пред Параклисот во центарот на градот, ама собирање и групирање – нема.

Ќе бидеме дел од литургијата во најпознатата прилепска црква, „Свето Благовештение“. Адетите ќе бидат и пред параклисот во центарот на градот. Ама, нема заеднички ручек за сите во центарот, на булеварот, туку, секој дома, со семејството да прослави. Мора да го чуваме здравјето. Се надеваме до година пак ќе биде како досега, вели прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

И домаќинот, прилепската фирма „Футура“ ќе си го чува кумството за догодина. Сите надежи се дека ќе бидат заедно, со посен ручек за свети Никола и заеднички благослови.

Здружението „Преродба“, кое заедно со другите и со здружението „Мајка традиција“ беа главни – за приготвувањето на малите посни сарми, за домаќинските препораки како да се слави свети Никола, сега со пораки и аманети. Оти, ги нема собирањата на 30-ината жени од здружението, два-три дена со песни и благослови, да ги виткаат малите посни сарми. Но, традицијата ќе продолжи.

Поради приликите и заштитата на здравјето, по две-три жени во домашна атмосфера ќе ги свиткаме малите посни сарми. Ќе запееме за радост, за здравје. Тоа многу ни значи во ова време-невреме. Ни го одржува духот, психолошки помага да се намали притисокот. И секако, ги упатуваме сите пораки за добро здравје, вели Лилјана Ѓорѓиеска од здружението на жени „Преродба.

Прилепчани остануваат со адетите. Со месеци се порачките во рибарниците, се приготвија посните сарми, се свари посното гравче. Секој во домашна атмосфера, во кругот на семејството.

За свети Никола, само најблиските. И да сме еден или двајца на трпезата,  за слвата – секако ќе има посна сарма, грав, риба. Тоа е и благословот. Прво здравје, сите да сме на број, па бериќет и подобра година. Оваа што поскоро да замине, порачуваат прилепчани.

Скромно и со одговорно празнување, прилепчани остануваат со традициите и адетите. За свети Никола, во кругот на семејството. Најбитно е семејството да е здраво, живо, на број. Прославите ќе ни стигнат, Дајбоже, догодина.

За прилепчани во ова време-невреме не мора да има собири. Ама, ќе остане традицијата која ги одржала низ вековите.

МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.