Првиот круг на Локалните избори 2021 ќе се одржи на 17 октомври. Финишираат активностите за изборите како на Државната изборна комисија така и на учесниците на изборите. Први своето право на глас на овие избори ќе го искористат лицата што ќе се пријават да гласаат како болни и немоќни, болни од Ковид-19 или во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица. Тие гласаат ден претходно, на 16 октомври, а за нив за утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале нема да се врши со уреди за биометриска идентификација, туку за нив ќе користи спреј и УВ ламба.
Пријавувањето до општинските изборни комисии за гласање на болните и немоќните завршува утре (9 октомври на полноќ), додека рокот за лицата со Ковид -19 или во самоизолација е до 11 октомври на полноќ.
Во однос на лицата со Ковид-19 и во самоизолација, предвидено е Општинската изборна комисија по службена должност да собере податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лица кои се пријавени за гласање согласно со член 111-б став (1) од Изборниот законик. ДСЗИ е должен во рок од 24 часа од добиеното барање да ги достави до ОИК податоците за лицата пријавени за гласање.
Гласањето на лицата со Ковид-19 или во самоизолација го спроведува посебен избирачки одбор составен од здравствени работници.
Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласат, преку овластен полномошник ќе ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (13 октомври на полноќ).
Избирачите кои на денот на гласањето се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа гласаат во установата каде што се згрижени, еден ден пред денот определен за одржување на изборите, по претходна пријава до одговорното лице на установата каде се згрижени. Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор на чија територија се наоѓа установи за вонсемејна грижа, на 16 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.