Актуелниот претседател на Бугарија и кандидат за втор мандат, Румен Радев и независниот кандидат поддржан од ГЕРБ-СДС Анастас Герџиков, на дебата на БНТ во пресрет на вториот изборен круг, искажаа слични позиции за темата Македонија.

Според Герџиков, потребен е поинаков пристап во односите меѓу двете земји, но не од страна на Бугарија, туку од страна на Македонија. Герџиков вели дека Бугарија сака да се почитува Договорот за добрососедство, што значи почитување на правата на Бугарите во Македонија, како и да има запирање на говорот на омраза и да се подобри транспортната поврзаност. Според него, Бугарија го направила патот до границата со Македонија, но од другата страна немало ништо и покрај европското финансирање.

Претседателот Румен Радев кажа дека Бугарија не може да каже „да“ за Македонија за членство во ЕУ пред, како што наведе, да запре кршењето на човековите права на Бугарите во земјата и систематската дебугаризација што се води со децении, како и уништувањето и фалисфикувањето на бугарското културно и историско наследство, но не и пред да се искорени говорот на омраза во учебниците и натписите на музеите и институциите, во државните медиуми и МАНУ.

Според Радев, ЕК и Европскиот совет не се согласуваат да станат гаранти на преговарачката рамка и на поглавјето 35, на што инсистира Бугарија.

Во моментов вратата за преговори за Македонија останува затворена – дециден беше Радев.

На прашањето на новинарката на БНТ дали треба да има референдум за Македонија, двајцата одговорија дека тоа не е потребно бидејќи имало општествен консензус на таа тема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.