Претседателот Стево Пендаровски не е официјално информиран за оставката на премиерот Зоран Заев, што повлекува оставка на цела Влада.

Од кабинетот на претседателот посочуваат дека кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието.

Претседателот на Република Македонија, официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието. Притоа претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите три децении – информираат од кабинетот на Пендаровски.

Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата може да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.

Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.

Од Собранието информираа дека досега до нив не е стигната оставката од премиерот Зоран Заев. На денешната координатива средба кај Џафери воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по синоќешната изјава на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција.

Премиерот Зоран Заев и претседател на владејачката СДСМ вчера по поразот што го претрпе партијата на локалните избори на завршната прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од двете функции.

Заев прес-конференцијата во седиштето на партијата не најави што понатаму, кој би го презел кормилото во партијата, ниту пак кој би ја презел челната позиција во Владата.

Тој сепак, нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.