Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска во Гостивар ги посети семејствата Узеири, Трпевски и Исмаили, чиишто членови се меѓу загинатите патници во вчерашната автобуска несреќа, што се случи на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци. Македонскиот претседател на семејствата и на блиските на загинатите им изрази најдлабоко сочувство за претрпената загуба.
Претодно, во општина Гостивар, македонскиот претседател присуствуваше и се обрати на Комеморативната седница во чест на загинатите граѓани во вчерашната тешка сообраќајна несреќа.
Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава“, порача претседателот Иванов, во своето обраќање на Комеморативната седница.
Овие се моменти на тага и на жал за загубените животи. Тешки се деновите кога искажуваме сочувство на роднините, пријателите, бидејќи сообраќајките се настани кога некој ни ги краде тие што ни се најмили. Кога некој умира, знаеме дека тоа е неминовно во животот, доаѓа смртта. Но, кога се случуваат вакви настани, тие се уште потешки и поболни, затоа што тие што сме ги очекувале да дојдат дома, никојпат не пристигнале“, рече претседателот Иванов, додавајќи дека споменот за овие луѓе треба да остане вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме, овие тешки моменти да ги пребродат. „Тешка е загубата, но, уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни“, рече претседателот Иванов.
Овие луѓе кои ги изгубиле своите животи ги изгубиле своите соништа, ги изгубиле своите планови, ги изгубиле сите свои мечти, кои се стремеле да имаат добар и среќен живот. Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секојпат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага, рече македонскиот претседател изразувајќи најдлабоки сочуства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината и до државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






Comments are closed for this post.