Претседателот Стево Пендаровски за утре напладен закажа седница на Советот за национална безбедност на чиј дневен ред ќе биде состојбата со епидемијата на корона вирусот во земјава и мерките кои се преземаат.

Освен членовите на Советот, на седницата е поканет и министерот за здравство, Венко Филипче.

Како соопштија од Кабинетот на претседатело, медиумите не се поканети, туку од самата средба ќе има соопштение и фотографии од прес-службата.

Пред Советот за безбедност, седница ќе одржи и Комисијата за заразни болести. Според најавата од министерот Филипче ќе се направи анализа на бројките од минатата недела, но не кажа дали е можно да произлезат одредени препораки.

Ако се следи статистиката од изминатите неколку дена, може да се заклучи дека има пораст во бројот на починати – три дена над 30, како и на новозаразени кои се движат околу 1.500 дневно, освен вчера кога беа нешто над 700, но од помал број тестирани.

И министерот Филипче викендов оцени дека состојбата во болниците за загрижувачка, што е еден од индикаторите дека е можно воведување нови мерки.

Пред неколку недели, министерот рече дека доколку има нови мерки, тие би биле продолжување на полицискиот час и скратување работното време на кафеаните.

Мерките можат да се однесуваат на региони или на цела држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.