Македонскиот претседател и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор денеска во Охрид го посетија армискиот камп за обука на вода каде присуствуваа на воена вежба.

Припадниците од Баталјонот за специјални сили пред претседателите Пендаровски и Пахор, прикажаа постапки кои се применуваат за ситуација на заложничка криза на пловен објект. Во вежбата беа вклучени и хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ на Армијата, a припадниците на специјалните единици демонстрираа боречки и други вештини потребни за извршување на сложени задачи на вода согласно НАТО стандардите кои се применуваат во вакви ситуации.

Претседателите Пендаровски и Пахор, заедно со началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се запознаа со дел од обуката која ја изведуваат припадниците на баталјонот за специјални сили, како и со можностите и начинот на работа коишто ги нудат овие капацитети на Армијата во состав на Командата за обука и доктрини.

Претходно во Охрид, двајцата претседатели, во друштво на градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, посетија дел од културните знаменитости. Домаќинот го запозна својот словенечки колега Пахор со дел од историјатот на црквата Света Богородица Перивлепта, Галеријата со икони, како и со богатата историја на црквата Света Софија.

Со престојот и активностите во Охрид заврши дводневната, официјална посета на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор на нашата земја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.