Македонскиот дипломатски синдикат го повикува министерот за надворешни работи да го повлече актуелниот предлог закон за надворешни работи.
Предлог текстот на ЗНР е изготвуван во нетранспарентна постапка, со учество на тесен круг луѓе, без интерна или јавна дебата до неговото објавување во јавноста и не ја ужива поддрршката од големо мнозинство вработени во Министерството. Суштинските забелешки на МДС, дадени по неговото објавување: централизација на моќта во раце на министер и колегиум избран од него, системската рестриктивност што го забавува кариерниот напредок и отфрлањето на регулирањето на положбата и работните права на административниот персонал во предлог текстот – не се прифатени, туку се направени само помали козметички измени заради создавање привид за инклузивност, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.
Според нив, големиот број забелешки на предлог Законот дадени деновиве од страна на Секретаријатот за законодавство, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација ги потврдуваат забелешките на МДС дека предлог текстот е изготвен непрофесионално, не ја покрива материјата целосно и практично претставува само невешт обид за изготвување на еден по своја природа потесен закон, Закон за диломатска служба, што е сосема различно од Закон за надворешни работи.
Со несогласувањето на Министерството за финансии со предложените финансиски аспекти паѓа во вода една од носечките причини за неговото донесување – подобрување на материјалната состојба на вработените, одн. вложувањето во човечките ресурси на македонската дипломатија. Поради споменатата рестриктивност на предлог текстот, хипокризија е во предизборен период со техничка Влада упорно да се форсира упатување на по дваесетина амбасадори и дипломати на работа во странство што поскоро, според постоечкиот Закон, пред донесување на новиот Законот, кој треба да е „реформаторски“ и „во интерес на дипломатијата“, велат од МДС.
МДС алармира дека евентуално усвојување на вака изготвениот предлог текст на Закон за надворешни работи ќе доведе до несогледиви и долгорочни негативни последици по македонската дипломатија и предлага започнување на нова, овој пат инклузивна постапка, за подготвување на ново законско решение кое што ќе има кредибилитет и ќе ги земе предвид сите аспекти на професионалното дипломатско работење без внатрешни поделби на интересни категории.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.