Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование е повлечен, објави на Фејсбук Иницијативата „Учебници и настава мора да има“. Дописот го добиле од Собранието потпишан од претседателот Талат Џафери, кој ги информира дека Владата го повлекува предложениот закон.

Ве известувам дека Владата на Република Македонија со допис заведен под број 08-2167/3 од 30 јуни 2021 година, ме извести дека Предлогот на закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование, примен и заведен во Собранието на 29 април 2021 година под број 08-2167/1 го повлекува.

Откако Иницијативата „Учебници и настава мора да има“, која побара референдумско изјаснување за промената на наставниот концепт, и се противи на воведувањето дигитални учебници, објави „победа“ над МОН, Министерството за образование и наука испрати соопштение во кое вели дека наставата за учениците од прв и четврто одделение од 1 септември ќе биде според новата концепција.

Наставата за прво одделенците и за четврто одделенците од први септември ќе тече по новата концепција, со новите материјали за учење за што сме сигурни дека ќе дадат подобри резултати кај учениците, велат од МОН.

Со повлекувањето на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование МОН ги потврди нашите тврдења дека тоа што го нудеше Мила Царовска не е дигитализација, туку само дигитални учебници на начин за кој нема друг пример во цивилизираниот свет, реагира Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Денес Министерството за образование и наука со повлекувањето на Предлог законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование ги потврди нашите тврдења дека тоа што го нудеше Мила Царовска не е дигитализација, туку само дигитални учебници на начин за кој нема друг пример во цивилизираниот свет…Во услови на пандемија дрско се обидоа Концепцијата да ја протуркаат на сила, а реформите на власта пробуваат насила да ги спроведат на неподготвени наставници. Да се менува на ваков радикален начин концептот на учење преку исфрлање на хартиените учебници и на таков перфиден начин, учениците да немаат печатени и хартиени учебници, претставуваше безумие кое несомнено мораше да заврши на ваков начин. Граѓанската иницијатива ‘Учебници и настава мора да има’ го покажа полниот дух на граѓанските слободи и права, ова е победа на разумот и на вистината!, напиша таа на Фејсбук.

Од Владата за Прес 24 потврдиле дека Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование е повлечен од Собранието и најавуваат дека денес ќе ги соопштат причините.

Како и многупати досега Владата се најде во расчекор меѓу своите желби и реалните можности. И секако – повторно како безбројпати досега – ние сме тие што нешто не сфаќаме, па ќе мора допоплнително да ни се објасни. На прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.