Раководни лица во МВР се присилени да потпишуваат изјави дека се откажуваат од работните позиции од семејни и лични причини, за да на нивно место се вработат партиски кадри на СДСМ, обвини поранешниот директор на ДБК Горан Митевски во емисијата Отворено на Алфа.

Митевски вели дека станува збор за партиска злоупотреба на јавниот оглас објавен од Оперативно-техничката агенција ОТА.

Сето тоа се случува и во Министерството за внатрешни работи, по мои информации во последниве три месеци започнувајќи од декември, масовно се менуваат кадрите во Бирото за јавна безбедност, со барање овие лица да потпишат изјави дека работните места ги напуштаат од семејни и лични причини, вели Митевски.

Митевски рече дека на местото на разрешените искусни кадри доаѓаат млади и неискусни кои допрва ќе треба да се обучуваат, а тоа создава големо незадоволство кај вработените во МВР.

Како министерот Оливер Спасовски дозволил и не ги испочитувал подзаконските акти за избор на раководни лица преку интерни конкурси, вели Митевски.

Митевски вели дека има случаи каде забни техничари се вработуваат во МВР и во Бирото за јавна безбедност иако имаат несоодветно образование, но се роднини на некои партиски функционери и пратеници од владејачкото мнозинство.

Министерот Спасовски не ги објасни критериумите за избор за во Агенцијата за национална безбедност на оние лица кои треба да преминат во новата агенција, односно кој од нив е подобен или не, после две години од неговото министерување имајќи ги сите механизми во рака, треба да си поднесе оставка зошто тоа го премолчел 2 години, доколку во МВР имало несоодветен кадар, вели Митевски.

Тој истакна дека според новиот најавен закон сите вработени нема да преминат во новата агенција, туку се очекува добар дел од нив да бидат отпуштени без притоа да се објаснат критериумите како тоа ќе се селектира.

Доколку за директор на новата агенција се постави партиски кадар, тоа ќе биде потврда на неговите сомнежи дека ќе се случи одредена чистка по партиски клуч, заклучи Митевски во Отворено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.