Утре започнува судење за предметот наречен „Плацеви на Водно“ во кој се обвинети Никола Груевски, Ристо Новачевски, Сашо Мијалков, Јордан Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ. Обвинител е Лиле Стефанова, честопати обвинувана дека е опседната со прогон на лица од ВМРО-ДПМНЕ.
Важи за исклучително блиска до власта, која досега нема отворено никаква истрага против Заев и неговите блиски луѓе. Фокусирана е само на прогон кон лица од ВМРО-ДПМНЕ, особено на Миле Јанакиески, Игор Јанушев, Јордан Камчев и на Никола Груевски за кого нејзините соработници велат дека секој втор ден повторувала дека морала да го врати од Унгарија.
Исто како поранешната судијка во кривичниот суд, Добрила Кацарска, која стана уставен судија, веројатно и таа во иднина очекува некаква награда за ангажманот. Веќе првата ја доби, со тоа што од обвинител во Радовиш назначена е за обвинител во Скопје во одделението на организиран криминал, место што не само што се смета за престижно, туку уште повеќе како доверлива личност на власта истата важи за потенцијален кандидат да го завземе местото на Вилма Русковска во следниот период. Веќе се шпекулира дека нејзиниот колега од СЈО, Гаврило Бубевски, ќе го заземе местото на шефот на републичкото обвинителство, Љубомир Јовевски.
Стефанова е фокусирана и на Камчев кој ја споменува во видео снимките од случајот “Рекет” кои во 2019 година се појавија во јавноста каде што Камчев кажува дека Ванчо Чифлиганец барал од него да ја опреми ординацијата на нејзината ќерка. Всушност Камчев е ставен на отстрел кај Зоран Заев уште многу одамна, нешто што минатата година можевме да го чуеме од аудио снимката која протече во јавноста во која Заев на соговорникот Александар Верушевски во 2016 година најотворено му говори дека има намера да врши прогон кон Јордан Камчев. Таа намера сигурно е мултиплицја на овој предмет е Илија Трпков кој е судија и во предметот организатори на 27 Април. И за 27 април правниците честопати коментираат дека се процесуира заради длабоки политички мотиви и побуди и со лажни конструкции, па наместо поткрепен со цврсти докази се оди со претпоставки и со уценети сведоци.
Веќе беше објавувано дека Заев уште во август-септември минатата година говорел, на нему блиски соработници, дел од нив поранешни пратеници, дека во новиот мандат морал да го донесе Груевски во Македонија и дека за таа цел ќе се фокусирал да му конструира предмети од финасиска природа.
ПРИТИСОК ВРЗ СВЕДОЦИ СО ЗАКАНИ И УЦЕНИ
Во неколку наврати Груевски преку неговиот фејсбук профил објави дека ниту купил, нити платил земјишта и станови ниту пак земал некакви партиски пари за тоа. Повикувајќи се на негови информации ОЈО вршела огромен притисок и тортура за да изнуди соработка од повеќе лица со ставање и држење во притвор, финасиски контроли на фирмите на сведоците и дел од обвинетите, и различни други форми на заплашувања и уцени итн.
Неофицијално, се шпекулира дека лицата за кои Груевски во неговите фејсбук статуси, пишува дека се уценети да дадат изјави против него а со тоа индиректно и против другите обвинети, се Александар Ивановски, познат по прекарот Алек-Тера Нова, бизнисмен кој гради станбени згради и негова вработена секретарка, извесна Татјана, која тој ја контролирал. Според сознанијата пред да биде повикан во обвинителството, на Александар Ивановски испратена му е финансиска контрола за да се најде материјал за негова лична уцена и притисок. За Ивановски се говори дека бил “кооперативен” и во предметот Империја и уште тогаш ја започнал соработката со обвинителката Лиле Стефанова а само со цел да се извлече себеси и својот бизнис.
Според шпекулациите меѓу другото на Ивановски му нашле околу 200 стана на име на негови соработници, но оваа информација и мотивите за истото сѐ уште ги проверуваме. Дел од претпоставките се дека Ивановски во тоа време бил или се подготвувал за бракоразводна парница па во обид што помалку имот да мора да дели со поранешната сопругата истиот ги ставал на други имиња, што на политички мотивираните контроли им дошло како нарачано за да го уценат да стане нивен соработник. Всушност и фирмата која тој ја води со која гради станови не е на негово име.
Велат дека додека ВМРО-ДПМНЕ бил на власт успеал да се доближи до Сашо Мијалков заради остварување лична корист.
Се шпекулира и дека Ристо Новачевски, поранешен кум на Груевски од првиот брак, кој беше притворен неколку месеци, е еден од оние кои подлегнале на притисоците и наводно прифатил да биде соработник за да помине полесно во процесот, иако според правниците кои се запознаени со предметот, нема никаква вина кај ниту еден од обвинетите. Но држењето во притвор со месеци не секој може да го издржи. За Новачевски се знае дека во минатото работел во некоја земјоделска аптека на Скопски Пазар и дека по доаѓањето на Груевски за премиер влегол во фармацевскиот бизнис и од вработен и подоцна менаџер на една фармацевтска компанија, набрзо прераснал во сопственик на негова фармациска фирма која се јавувала на државните тендери. За него се говореше и дека бил клучен во т.н. “паралелен увоз на лекови” чија цел беше намалување на цените на лековите, принцип кој иако даде резултат во намалувањето на цените беше остро нападнат од преставниците на фармацевтските производители и нивните подржувачи меѓу политичарите од тогашната опозиција а денес власт, која веднаш по доаѓањето експресно го укина овој закон. Една недела откако Ристо Новачевски беше притворен, медиумите изјавија дека финасиската полиција влегла во пет фирми кои вршеле паралелен увоз. Новачевски тешко го поднесувал притворот и брзо потклекнал на методите на притисок на Лиле Стефанова. Сепак судскиот процес ќе покаже дали овие шпекулации се точни или не.
Инаку не се исклучува дека има и други лица кои под жестокиот притисок и уцени на обвинителството прифатиле да бидат нивни соработници, да бидат лажни сведоци во стилот на Нинџа во предметот за 27 Април, односно да го кажат тоа што обвинителството ќе им го даде да го прочитаат или раскажат, а за возврат да поминат полесно ако се обвинети или ако се сведоци да не започне прогон против нив.
Досегашната пракса покажала дека на ваквите сведоци прво им се бара некоја слаба точка, пропуст или грешка со која се уценуваат и на тој начин се изнудува лажна изјава против главниот таргет на обвинителството, а во случајот тоа освен Груевски е и Камчев, но можеби и некој од другите обвинети. Оние кои поминале низ тој пат тврдат дека ако и тоа не успее се оди на притвор со измислени службени белешки, со тортура во притворот од типот на онаа за недавање вода за пиење неколку дена или слично а во меѓувреме се прават обиди за уништување на нивните фирми или активности и пак притисоци врз нивни блиски лица.
Извори за „Република“ тврдат дека и Ивановски и Новачевски, а веројатно и други сведоци кои биле предмет на уцени се лица кои за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и те како добро профитирале од близината на првиот со Сашо Мијалков, и со Никола Груевски на вториот. Таквите познанства им отворале многу врати во бизнисот без воопшто да треба некој да се јавува и да ургира за нив, само со фактот што сите знаеле за нивната близина со највисоките луѓе од врвот на власта. Тогаш тоа близина и познанство им одело во прилог, но како што тоа вообичаено бива, откако ќе ја искористат ситуацијата, таквите луѓе подоцна често знаат да се преставуваат за жртви кои заради тие познанства имаат проблеми во животот и слични приказни, а се со цел за личен комодитет.
Правниците се сѐ погласни во коментарите дека методите на некои обвинителите, меѓу кои и на обвинителката Стефанова со заплашување, изнудување изјави со уцени и закани, ставање во притвор со измислени белешки и испраќање пораки дека десет години нема да излезат од затвор и дека ќе им се уништат фирмите и семејствата доколку не прифатат соработка, се недозволени во било која демократска земја. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати посочувала и обвинувала дека се вршат притисоци врз луѓе за лажно сведочење. Велат кога ќе исчезне политичката заштита од оние кои ги нарачале овие прогони, за тие методи ќе се дискутира во институциите а сторителите, соучесниците и нарачателите ќе се соочат со лична одговорност. Тоа што тие закани се прават најчесто во „четири очи” нема да им помогне кога ќе се јават доволен број сведоци кои ќе ја кажат вистината за она што се прави денес.
Дополнителен сомнеж за политичката цел за започнување на овој предмет е закажување на рочиште непосредно пред локалните избори. Предметот, кој е уште од минатата година, очигледно е намерно темпиран да се одвива во време пред почетокот и за време на кампањата за локалните избори, со цел да биде тема од која владејачката партија верува дека ќе има корист.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.