Пред точно една година, во Скопје, Тетово, Кавадарци и во други болници се случија физички напади кон неколку лекари и докторите излегоа на протест под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници“. Протестот се одржа во кругот на Клиничкиот центар во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, како резултат на серијата напади што се случија во изминатиот период врз медицинските работници од страна на пациенти и нивни роднини. Тие проблемот го гледаат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој, велат, континуирано пропаѓа.

На тој протест учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој вети закон за лекарска дејност, законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз службено лице, полициско обезбедување на сите болници итн…

 Со насилство не се решаваат работите. Сметам дека нема никаква логика да се крене рака на здравствени работници кои деноноќно се борат за животите на најблиските. Сите тие пристапи се казниви и се предвидени парични, но и затворски казни. Презедовме конкретни мерки со МВР, ќе има мобилна патрола во регионот на старата градска болница, каде што се случуваат најголем број инциденти, но и други места каде што се третираат голем број пациенти – изјави Филипче пред една година.

Од протестот на лекарите до денес, за жал, продолжуваат нападите кон докторите и медицинските лица.

Филипче тогаш даде поддршка на здравствените работници, истакнувајќи дека е потребно да се спроведе процес на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, да се упати порака дека со насилство не се решаваат работите.

Вчера на Клиниката за токсикологија физички бил нападнат дежурниот лекар, кој со повреди на главата бил пренесен во Ургентниот Центар. Причината за нападот била банална. Напаѓачот дошол со своето малолетно дете на Клиниката и кога дежурниот лекар само му кажал дека треба да го однесе детето на Педијатрија, каде што исто така има токсиколог, тој почнал да го удира. Лекарот потоа е однесен на Ургентиот центар каде што се утврдени повреди – расекотини на главата и површен хематом, по што е пуштен дома. Случајот е пријавен во полиција и оттаму утринава соопштија дека е приведен напаѓачот.

Последниве 30 години свесното и несвесното уништување на здравствениот систем кулминира. Близу сме до крахот на здравствениот систем. Револтот кај граѓаните кулминира и затоа се овие секојдневни инциденти – порачаа пред една година лекарите и медицинските лица на протестот.

Тие тогаш побараа отворена дебата со властите за да ги адресираат своите проблеми. Испорачаа пет барања – донесување закон за докторска дејност, итно спроведување и законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз службено лице, полициско обезбедување на сите здравствени установи, особено во ургентните центри, вклучување на младите лекари во носењето на сите здравствени политики и задолжително организирање внатрешен систем на контрола на медицинските работници. Не дадоа конкретен рок до кога очекуваат тие да бидат исполнат, но порачаа дека тој треба да биде кус, оти во спротивно ќе престанат да ја извршуваат својата работа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.