Нема правда во Македонија. Неправдите растат секојдневно. Ги има многу и се повеќе а дел од нив е и политичкиот прогон кој не запре и оваа есен доби нова динамика, пишува на Фејсбук, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски.

Понатаму тој пишува:

Власта на чело со Заев е во параноично-пародичен поход и обид да креира едно привидно чувство и престава дека правдата некого стасала. Тоа започна одкако претходно одбра една поголема група на луѓе за политички прогон, заради чија професионална, посветена и успешна работа, тој и неговата партија беа цели 11 години инфериорни и во опозиција, а дојдоа на власт со крајно нечесни методи. И заради чии чесен однос кон најважните национални прашања денес тој е доживеан како антипод на една праведна национална борба за името, идентитетот и историјата. Нивното време на владеење го потсетува и обелоденивњето на неговите методи на барање поткуп во градот каде беше градоначалник, што јавноста го виде. Во време кога нема вистински одговор на економските проблеми на граѓаните и во време кога повеќето фирми се изложени на рекет, сакајки да прикаже наводен успех пред јавноста и меѓународната заедница, тој е во поход таквите од него лично одбрани луѓе, насила да ги направи криминалци, да ги оцрни и затвори. Да се изживува и да ужива во честитките на лицемерната, интересџиска и сеирџиска околина, која не е свесен еден ден што ќе говори за него, всушност она што денес го мисли но не му го говори.
Низ периодот кој минува, со помош на фабрикувани нелегално прибавени аудио матерјали и со помош на пропагандата на медиумите кои ги контролираат се трудат да создадат најнегативна слика за нивните жртви, а преку контролираното обвинителство и суд, да ги осудат и затворат. Тоа потоа, како што кажав планираат да го “продадат” како некаква успешна приказна во борбата со криминалот како на домашната јавност така и надвор. Тоа што немаат елементарен доказ дека некој навистина го прекршил законот, веројатно го сметаат за работа во која надворешниот политички фактор задоволен од послушноста за промената на името, историјата и идентитетот нема да се продлабочува, а домашната јавност ќе заборави, па ќе се паметат само пресудите.
Времето секако ќе го демантира, но во меѓувреме многу жртви ќе поминат и веќе поминуваат низ ова налудничаво сценарио, полно со злоба, фрустрации, незрели личности на одлучувачки позиции во власта, ниски страсти, валкани игри, нечесност, неморал, отсуство на елементарна етика, манипулации, измами, лажни обвиненија, секојдневно заплашување и уценување на сведоци да прифатат лажно да сведочат, политички испорачани пресуди, заплашени судии, одбрани партиски подобни обвинители кои држат политички говори во судниците, медиуми кои одработуваат.
Сето ова на луѓе кои не се во политиката може да им звучи премногу за да е вистина, но за жал за многу луѓе денес е не само вистина туку и реалност.
Притисоците кои лично Заев преку свои посредници ги прави до судот, неговите инструкци до обвинителите, најчесто преку испраќање на нему блиски луѓе, поретко директно и со многу јавни пораки и заплашувања на судиите, еден ден како метод на терор врз политичките неистомисленици и политички прогон ќе пукнат како меур од сапуница.
И да потсетам: вистината е како шило, ќе оди лево, десно, напред, назад но на крајот ќе исплива на површината.
Но, ова што сега се прави и суди не е вистината. Заев се лажи ако мисли дека со овие изнудени и диригирани пресуди, со злоупотребата на моќта, дека ќе му помогне тоа што тој го замислил и искреирал да биде вистината во ситуација кога не е. Тој е влезен во лош филм дека доволно долго ќе владее за се што наумил да го забетонира како вистина. Кршлив му е тој бетон каде лагата, уцената и измамата се преставува како вистина. Ќе пукне еден ден, а тој ќе се срами од злоделата кои ги прави и ќе одговара за тоа одкако многу луѓе ќе проговорат со што се соочувале.
За денес порачал луѓето во фабрикуваниот предмет “Протести во општината Центар” да бидат прогласени за виновни и да се доделат затворски казни од судијата. За тие кои најмногу лично ги мрази – ефективни, за оние кои му се помалку важни – условни. Исто како што вчера истиот нарача Гордана Јанкуловска во незаконска постапка да ја спроведат во затвор по претходно брутално извршениот притисокот од негова страна до врховните судии да го потврди обвинението, кое претходно на ист начин го потврди апелационит суд.
Како што јавно беше кажано уште во 2018 година дека и ветено унапредување во уставниот суд, пристигна и наградата за извршителот Добрила Кацарска во овој нечесен начин на мафијашко владеење во кој ист човек е шеф на владата но истовремено и на судот, обвинителството како и на поголем дел од медиумите.
При нарачката за денешната пресуда воопшто не му грижа што неговото обвинителство немаше ниту еден елементарен доказ дека обвинетите ниту реално нарачале, ниту организирале ниту се случило насилство. Ниту му е грижа што судијата беше принуден да не прифати ниту еден сведок предложен од мене додека бев во Македонија, или подоцна од адвокатот кој судот ми го назначи по службена должност. Ниту еден! А на обвинителството сите до еден сведоци се прифатија. Најголемото обвинување од сведоците, кои беа всушност советниците на општината Центар од СДСМ од тоа време, беше дека не ме виделе таму ама го чуствувале мојот дух. Чуствувале дух!
Не му е грижа што судењето беше тешка фарса каква немало ни во 1949 година.
Не му е грижа што неговите “шути и рогати” како што ги нарече демонстрантите ги ослободи од обвиненија иако демолираа и запалија канцеларија на претседател во станбена зграда во која живеат над 100 луѓе, дел од нив деца и постари лица, чии животи беа во опасност, а кои потоа ги ослободи од обвиненија. Спротивно на случајот пред општината Центар каде ничиј живот никој не загрозил, ниту некој некого повредил, ниту се фрлале молотови коктели. Во исто време овие кои истиот ги третирал како шути и рогати на 5 ти мај 2015 година по објавена лажна и монтирана снимка за Мартин Нешковски ги прати пред владата па истите верувајки му, повредија и во болница испратија 40 полицајци.
Не е загрижен ниту што неговата партија организираше далеку по насилни демонстрации пред бараките на градот Скопје и во многу други прилики одколку викањето и пцовките пред општината Центар. Меѓудругото оваа пресуда ќе води кон директно задушување на демократијата бидејќи е обид да ги заплаши слободните граѓани дека ако излезат на протест можат да бидат обвинети за насилство бидејќи со нивното присуство создале чуство на страв и несигурност кај оние кои протестираат.
Една од партиските обвинителки неодамна дури најде оправдување и во судница јавно “пре стручно и ептен непристрасно” образложи дека сето тоа тогаш правено било правно оправдано оти имало режим.
Не му е грижа што разумни луѓе ќе се смеат што мене и Јанакиески не судат за наводно нарачани шамари кои не се случиле, ниту имало обид за тоа, односно што ќе бидеме осудени за нешто што цел народ знае дека не се случило и дека е безобзирен политички прогон. Не му е грижа и што ниту еден сведок не ме посочи ниту мене, ниту Јанкиески, дека сме ги организирале или сме барале да постапат вака или онака. Напротив сите негираа. Ниту дека не судат на база на претпоставка и користење на нелегално прибавен аудио матерјал кој е само копие кое не се спореди со оргиналот како што налага законот за секој еден доказ кој е приложен во копие. А видовме од снимката за Мартин Нешковски како се сечеле и се манипулирало со аудио снимките. Но и чувме од Зоран Верушевски како во судот кажа дека одкако излегол од притвор бил изненаден што во меѓувреме матерјалите кои им ги оставил биле како што кажа страотно манипулирани, компромитирани и модифицирани. Ниту дека непостои барем таква снимка или порака дека Јанакиески побарал од некого да стори нешто по наводниот разговор со мене. Ниту му е грижа дека, ниту еден од присутните демонстранти таму кои се сега на обвинителна клупа никого не повредиле а ќе ги прогласат за виновни затоа што на протест викале или опцуеле или дел од нив тропале на бараката, истото што на протести од СДСМ се правело и минатото а сторителите или небиле воопшто дадени на суд или ако биле, небиле осудени.
Не е загрижен ни што без елементарен доказ издејствува лажна пресуда
против мене, Јанкуловска и Поповски за набавено блиндирано возило на тендер на кој никој не се жалел, ниту во постапката кога документацијата за тендерот се дала на разгледување и да дадат забелешки на сите потенцијално заинтересирани фирми ниту одкако се извршил изборот. За набавка која Гордана законски имала можност да ја изврши без тендер, како што тоа во минатото го правеле функционерите на партијата на Заев, но сепак таа решила се да е транспарентно.
Ниту му е грижа што непостои телефонски разговор или порака, макар и нелегално прибавени и монтирани, со кои Гордана бара од Поповски да стори нешто противзаконски или инкриминирачки, ниту пак еден сведок потврди такво нешто а СЈО покани се што можеше да покани да сведочи од МВР. Ниту дека гонењето е одамна застарено, и има и т.н. релативна и апсолутна застареност па судиите носат противзаконски одлуки кога го игнорираат тоа. Да, воопшто не му е грижа ни кога го гледаат дека се вози во тоа возило или кога неговите гости од странство ги возат. Најавената продажба и купување болнички коли одамна е предмет на потсмев во јавноста. Не му е грижа што вештакот кој го најми СЈО утврди и пред судот изјави дека цената по која се купило возилото, односно заработката на фирмата која го продала е во рамките на редовната заработка(маржа) кога продаваат такви возила и како што потенцираа не утврдиле екстра профит и нема штета за државата, а единствената корист што ја спомнаа е што повремено и јас сум бил превезуван со тоа возило. Нема загриженост и што оној кој го продал возилото не е некој локален трговец од Куманово од кого денес купуваат возила за државна институција а утредента добиваат поклон возила за партијата, туку е официјално преставништво на фабриката Мерцедес од Германија, во целосна нивна сопственост. Не му е грижа ни што ме осудија во постапка за која официјална државна институција издаде мислење дека сум бил предмет на дискриминација по политичка основа како од судијаката Кацарска така и од самиот суд исто како што беше издадено и за Гордана Јанкуловска. Не е загрижен ни што за истата пресуда држава членка на ЕУ ми даде статус на азил како политички прогонувано лице.
И да не редам уште десетици и десетици апсурди и неправди. И не само во овие два случаи, туку и во сите други за кои формално ме судат и мене и повеќе други, каде крајната пресудата е одамна однапред донесена од шефот на судовите, обвинителите, медиумите и владата во земја која се раководи со класични мафијашки методи.
Но, ќе дојде ден кога правдата ќе победи и сите учесници во овие гнасни дела ќе се загрижат, вклучително и судиите.
Судиите знаат дека во нашите закони, одлуките на судот во Стразбург се обврзувачки, а тие им беа предочени ним. Тие знаат за случаите Круслин против Франција, Пановитис против Кипар, Шенк против Швајцарија, Ѓеорѓиус Папаѓеургиу против Грција, Долнек против Хрватска, МкМишаел против Обединетото Кралство, Дворски против Хрватска, Едуард Рошков против Русија, Волков и Адамскиј против Русија и повеќе други. Законот е јасен и предвидува и разрешување на судија за неприменување на одлуките на Стразбург и кривична одговорност во случаи на незаконски одлуки. Судија не е судија за да се плаши и да извршува политички наредби, кршејќи закон, туку да покаже интегритет и да не носи противзаконски одлуки.
Да, Заев ќе ги штити, но во еден момент нема да може повеќе да ги штити бидејќи нештата ќе се променат. Секој треба да е свесен за својата улога и одговорност и да не заборава какви последици носи незаконското носење на одлуки ако веќе нема чувство за неправдата која ја нанесува на други.
Еми Кони Барет, апелационен судија во САД и неодамна номинирана од претседателот Трамп за член на врховниот суд на САД има една многу точна изјава упатена кон колегите судии:
„Да се биде судија треба храброст. Вие не сте таму да решавате случаи како што вам ви се допаѓа. Вие сте таму да ја исполните вашата должност и да го следите законот без оглед каде тој може да ве однесе.“
И конечно и политичарите кои учествуваат во овие злодела еден ден прилично ќе се загрижат.
Во меѓувреме “големиот шеф” нека живее во сонот на семоќниот Супермен, пишува Груевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.