И по два мандати и шест години на власт власта е незадоволна од реформите во судството. Оние реформи кои беа приоритет во двата мандати на власта на Заев, оние реформи кои расцветаа како пупка, денеска се недоволни да ги задоволат потребите и апетитите на власта која не научи дека треба да ги држи рацете подалеку од судовите.
По години власт да се каже дека „реформите што се прават во судскиот систем останаа недовршени“ е само потврда дека со државата управува власт која е неспособна или едноставно не сака да го спроведе она на што се обврзала. Нема оправдување и нема простор да се впери прстот кон претходниците.
Судиите на Апелациониот суд во Скопје, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот, иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука – со овие зборови министерот за правда Бојан Маричиќ го направи првиот чекор со кој на власта ѝ го отвори патот да изврши невиден јавен пристосок врз судовите и обвинителството во одлучувањето за притворот на Сашо Мијалков. Зборовите на првиот човек на праавда длабоко задираат во правдата и независноста на судските одлуки.
Адвокатот на Мијалков, Звонко Давидовиќ ја поздрави – извршната власт ја критикува одлуката на Алепацискиот суд да ја прифати кауцијата од 11 милиони евра и да го путши Сашо Мијалков да се брани од слобода. Реакцијата на власта, пак, за опозицијата е театар.
Она што за Давидовиќ е „европска вредност“ власта на СДСМ го претвори во балканска практика.
Во услови кога државава е 111-то место на скалата за корупција и најкорумпирана во Европа, кога се прават списоци за помилување по партиска желба на власта и кога власта со истите свои инсталации во судството не реагира за ниту една афера и криминал, евтин е театарот којшто денес го изведува Маричиќ и СДСМ, партија која ја раководат корумпирани политичари и е во нераскинлива врска со криминалот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
По денешната одлука на Апелацискиот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје, поднесе предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик во предметот познат во јавноста како „Плацеви на Водно“.
Доцна попладнево Кривичниот совет одржа седница на советот и донесе решение со кое го прифати предлогот на Јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена бидејќи постои опасност од бегство.
Така, денот на Мијалков кој започна со пуштање од притвор заврши со нов притвор обезбеден под силен притисок на извршната власт.
Адвокатот на Сашо Мијалков Звонко Давидовиќ смета дека денешното излегување на неговиот клиент од притвор е „европска вредност“.
Почнуваат да заживуваат европските вредности во земјата, затоа што вака висока гаранција и толку време во притвор не се понудени досегa. Нејасно е што веќе еднаш беше одбиена гаранцијата. Судството има слух за такви работи и почнува да ги прифаќа гаранциите, вели Давидовиќ.
Поранешниот директор на УБК даде гаранција од над 11 милиони евра и таа се состои од недвижен и подвижен имот.
Барањето на обвинителката Лиле Стефанова доаѓа откако министерот за правда Бојан Маричиќ, министерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, СДСМ и други истурени членови јавно ја критикуваа одлуката на Апелацискиот суд.
Одлуката на Апелацискиот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите, напиша Маричиќ на Фејсбук.
Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски одлуката на Апелациониот суд за укинување на мерката притвор за Сашо Мијалков ја оцени како скандалозна.
Одлуката на Апелациониот суд во Скопје за укинување на мерката притвор за Сашо Мијалков е скандалозна и ја поткопува довербата во судскиот систем кој треба да испорачува правда за сите“, има напишано Николовски.
Партиската порпаролка Богданка Кузеска, исто така, ги повика судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да пред целата јавност да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години да донесат ваква одлука, бара владејачката партија за одлуката на Апелацискиот суд во Скопје за пуштање на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, од притвор.
Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје. Скандалозна е одлуката на судот да ја прифатил гаранцијата со што на лицето Сашо Мијалков му се укинува притворот, рече Кузеска.
Сепак, скандалозно во целава судска бркотница е мешањето на извршната власт во судската. Судиите се независни и немаат обврска да ги објаснуваат своите одлуки.
По којзнае кој пат имаме можност да се увериме во длабоката инфилтрираност на политиката и на извршната власт во правосудството. Изјавите на министерот за правда, во кои критикува и толкува судска одлука, се само уште еден доказ за влијанието на политиката врз судството и притисокот кој извршната власт го врши, реагираше денеска адвокатот на Мијалков Звонко Давидовиќ, по одлуката на обвинителката Лиле Стефанова да побара притвор за предметот „Плацеви на Водно“.
Она што дополнително паѓа во очи е што во оркестрираниот напад врз судот, СДСМ и Маричиќ гласно ги повикуваат по име судиите што одлучувале по барањето на Мијалков, со што очите на јавноста се вперени во лица, индивидуи, а не врз судот како институција, што претставува дополнителен притисок.
И Давидовиќ потсетува дека министерот за правда нема никакви ингеренции и надлежности кога се во прашање конкретни судски предмети и одлуки, па секој коментар на судска одлука на еден министер во владата не може никако поинаку да се сфати освен како своевиден притисок.
Маричиќ го повикува и Судскиот совет да се инвловира во случајот, а тој пак го дочекува повикот на готовс. И оваа реакција е погрешна, вели адвокатот на Мијалков, дотолку повеќе пто излегува од надлежностите на Судскиот совет предвидени со Законот, тврди Давидовиќ и објаснува:
Судскиот совет, наместо да биде гарант и брана за судската самостојност и независност, прави дополнителен притисок и се обидува да ги дисциплинира судиите кои постапиле и донеле одлука во рамки на своите надлежности. Наместо да се поздрави примената на сите препораки на Советот на Европа и одлуките на судот во Стразбур по однос на мерката притвор, Судскиот совет врши дополнителен притисок на судиите.
Адвокатот апелира да не заборавиме дека сме под мониторинг за примена на мерката притвор и дека во изминатиов период бевме жестоко критикувани за определувањето, примената и должината на изречените мерки притвор како во сите извештаи на ЕУ, така и во меѓународните и домашни извештаи на експертите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.