Бугарија ја има промашено темата со ветото за Македонија, зашто воопшто не е во корелација со содржината на критериумите на ЕУ, вели адвокатот Тони Менкиноски, претседател на Комисијата за правни работи на ВМРО-ДПМНЕ, но и правен застапник на „Македонскиот клуб за Етничка толеранција во Бугарија“ во интервју за „Нова Македонија“.
Македонците во Бугарија извојуваа голема победа пред судот во Стразбург, вели Менкиновски.
Според него барањето за гаранции на бугарската министерка Захариева е несериозно и покажува основно непознавање на меѓународното право, меѓународната практика, па и меѓународната политика.
Признавањето на правата на малцинствата не го бара Македонија, туку во случајот со Бугарија тоа го бара Советот на Европа. Почитувањето на малцинските права е демократски меѓународен стандард, кој треба да биде вграден во внатрешното уредување на секоја земја што се изјаснува за демократска, особено ако е и членка на ЕУ. Значи, на македонското малцинство во Бугарија му припаѓаат правата според стандардите на меѓународното право и Македонија едноставно не може да се откаже од тие права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, зашто тоа не е во нејзина државна надлежност, вели Менкиноски.
Тој во своето интервју посочи дека Европскиот суд за човекови права во Стрзбург на 28 мај годинава ја осуди Бугарија, носејќи пресуда со која утврди дека е повредено првото на здружување по член 11 од Европската конвенција за човекови права, на македонците во Бугарија.
Случајот се однесуваше на прашањето дали е потребно во едно демократско општество бугарските судови да одбијат да регистрираат здружение кое се залага за идејата дека постои угнетено македонско малцинство во Бугарија и се обидува да ги заштити правата на малцинството, со образложение дека здружението било насочено против единството на бугарската нација и дека нејзините цели биле политички и дека имаат цели повеќе на политичка партија отколку на редовно здружение. Од Македонија се бараат гаранции за нешто што не го поседува. Правата на малцинствата се надвор од мандатот на Захариева и мандатот на македонските политичари, вели адвокатот Менкиноски.
Додава дека историско-идентитетските прашања воопшто не се дел од критериумите за членство во Унијата.
Вообичаената аргументација за некакво блокирање на преговорите се темели на непочитување на владеење на правото, зголемена корупција, криминал…, но никако не е разбирливо оспорување нечиј национален идентитет и права на малцинствата да биде аргумент за блокирање на евроинтеграциите на некоја земја-кандидат, вели Менкиноски за „Нова Македонија“.
Според Менкиноски Бугарија ја има промашено темата за вето, а кога-тогаш ќе мора да овозможи регистрација на македонските здруженија кај неа, зашто тоа од неа го бара Советот на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.