Голем дел од пожарите во државата се уште се активни. Пожарот во Пехчево се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. На терен се пожарникарите, припадниците на Армијата, а во секој момент се очекува да пристигне и специјална ПП единица од Словенија.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно состојбата со активни пожари до 13 часот, уште е активен пожарот во штипскиот регион, во атарот на селото Нов Истевник, кај маалото Пасјак.
До овој момент, опожарена се околу 750 хектари борова шума и нискостеблести растенија.
Интервенираат 200 припадници на Армијата, 25 вработени во ШС Голак – Делчево со четири теренски возила; ТППЕ Делчево со 13 пожарникари, две цистерни и теренско возило, пет припадника на Гранична полиција со пет теренски возила, тројца припадници на ПС Делчево со едно теренско возило, ЈПКД Брегалница со 10 вработени со 2 ровокапачи, теренско возило со еден тон вода и еден џип, РЦУК Делчево со еден вработен, ТППЕ Македонска Каменица со четири пожарникари со теренско возило, ЈП Камена река – Македонска Каменица со 10 вработени и едно комби, и дел од екипата од Бугарија.
Волонтери од Црвени Крст Делчево се на терен и доставуваат вода за пиење на ангажираните сили. Во гаснењето на пожарот ангажирани се и четири хеликоптери.
Во општина Пехчево, кај месноста Бајаз Тепе пожарот се уште е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. Опожарена е високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта.
Интервенираат хеликоптери, сто припадници на Армијата, 20 ренџери, дел од екипата од Бугарија, ШС Равна Река – Пехчево со 30 вработени со две теренски возила со цистерни и четири возила за превоз, ШС Малешево – Берово со 15 вработени со две теренски возила со цистерни и две теренски возила за превоз, ТППЕ Берово со три ПП возила и седум пожарникари, ТППЕ Скопје, Штип и Струмица со по две пожарникари со едно ПП возило, ДЗС со едно теренско возило со цистерна и четири вработени, РЦУК Берово со еден вработен, ЕВН со шест теренски возила за превоз, 35 луѓе од месното население.
Пожарот на потегот Костин Дол – Ново Село, во општините Кочани и Македонска Каменица, од ноќеска повторно е активен. Интервенираат ТППЕ Кочани со 15 пожарникари; ШС Осогово – Кочани со десет вработени, од Водостопанство – Кочани вкупно 20 луѓе и МЗШВ со шет лица.
Во струмички регион пожарот кај Погана е со намален интензитет, односно нема активно горење.
Досега опожарени се околу 1.200 хектари ниско стеблеста шума – даб, габер, прнар, јасен.
На терен интервенираат ТППЕ Валандово со две ПП возила и седум пожарникари, ШС Саланџак – Валандово со 14 вработени, ПО ДЗС Валандово со седум припадници, 30 припадници на Армијата, ЕВН Битола со седум вработени, едно теренско возило и една цистерна и Здружение од Битола со девет припадника.
Поради намалениот интензитет на пожарот, денеска учесниците во пожарот ќе вршат контролирање и гасење на недогорениот материјал.
Во Гевгелија пожарот е под контрола. Опожарени се околу 200 ха мешана шума и сува трева. На терен се 13 лица од ШС Кожув Гевгелија.
Во битолски регион, во општина Прилеп, пожарот во атарот на селата Ракле – Никодин – Топлица е активен на еден крак према рудникот Козјак и еден крак према високиот дел од селата Крстец – Никодин.
Опожарени се околу 2.000 хектари нискостеблеста дабова шума и лисната постилка. На потегот од селата Крстец – Никодин гори нискостеблеста дабова шума.
Под контрола е кракот кон селото Топлица, кракот кон Црквата и викенд куќите во селото Ракле.
На кракот од магистралниот пат Прилеп – Градско, гори чалија, сува трева, грмушки и деградирана дабова шума. Интервенираат 17 војници на Армијата и ТППЕ Прилеп со девет пожарникари и со две ПП возила.
Од ноќните часови, на 4 и 5 август, активен е пожарот на потегот на Дрен – Смолани во Прилеп, со кој гори сува трева, смрека, чолија и лисната постелка на површина од 0.5 ха. На истиот локалитет има и еден приземен пожар на Мањов Дол, каде гори нискостеблеста дабова шума.
Интервенираат 13 војници на Армијата, тројца пожарникари на ТППЕ Прилеп, двајца од месно население, како и седум работници на ШС Црн Бор Прилеп.
Во охридски регион, пожарот во атарот на селото Девич во општина Македонски Брод, вчера во 18 часот е ставен под контрола. Од утрово на терен се ТППЕ Македонски Брод со четири пожарникари и пет вработени од ШС Македонски Брод заради контрола на просторот.
Во однос на тетовски регион, ТППЕ Тетово од 9:40 часот, со три пожарникари и едно ПП возило интервенираат поради запалена сува трева кај сточниот пазар во селото Голема Речица.
Во кумановски регион, ТППЕ Куманово со четири пожарникари и едно ПП возило, од 7 часот интервенираат поради запалена сува трева во атарот на селото Јачинце.
ТППЕ Старо Нагоричане со три пожарникари со едно ПП возило, во 09:30 часот е упатена на терен кон атарот на селото Жељудино поради контрола.
Пожарот во атар на селото Коњух во општина Кратово е изгаснат, а на терен поради контрола се наоѓа екипа на ЈП „Македонски Шуми“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.