Дождот не го изгасна целосно пожарот на Галичица. Екипа составена од претставници на НП и Територијалната противпожарна единица се на терен, за да направи увид на состојбата и да делува каде што има потреба. Се уште има чад во опожарените делови, а тимовите ќе ја искористат влажноста да го локализираат пожарот. Градоначалникот Георгиески на социјалните мрежи информира дека вчерашните активности за гаснење од воздух, врнежите од дожд и влажното време што ноќеска го зафатија Охридскиот регион влијаеле поволно.

Бидејќи на потегот каде што е активен пожарот е регистрирана многу мала количина на врнежи, стручните лица од кризниот штаб оценија дека временските прилики и дождливото време не се доволни за целосно локализирање и гаснење на пожарот. Поради тоа на теренот треба активно да се делува и континуирано да се следи состојбата, напиша на својот Фејсбук профил Георгиески.

Спасителите од планинската служба кои се цела недела на терен велат, дека изгорена е голема површина на букова шума и делови од заштитената зона.

Еден хеликоптер се вклучи во гаснењето на пожарот на планината „Галичица”, во текот на вчерашниот ден, а на координативен кризен штаб беше одлучено утринава да се делува со околу 40 луѓе и од воздух, но како што посочија од Галичица, поради дождот оваа акција е одложена и ќе се интервенира само од земја со помал тим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.