Учебникот Географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба и од денеска нема да се користи во наставата. Решението на стручната Комисија за повлекување на спорниот учебник, денеска го потпишала министерката за образование и наука Мила Царовска. Заменик-министерот Арафат Шабани на прес-конференција рече дека учебникот е повлечен поради неточна содржина, а и навредлива за Албанците и дека и во иднина од наставата ќе се отстрануваат учебници со несоодветна содржина.

Учебникот беше користен со децении за ученици од втора година, и покрај тоа што Министерството за образование и наука го раководеле неколку министри Албанци. Им благодарам на Комисијата за донесената одлука и на мнистерката Царовска за соработката и зашто е слушнат гласот на стручните лица во врска со скандалот во учебникот по герографија. Ова е само првиот чекор во мојата мисија како заменик-министер и на движењето БЕСА – партијата на која и припаѓам, во насока на коригирање на останатите училишни и универзитетски книги во земјава кои содржат невистини и материјали што поттикнуваат навреда и омраза кон сите групи, особено кон Албанците, рече Шабани.

Соопшти дека комисијата била составена од членови од повеќе образовни институции и професори по географија од ПМФ, а нејзиниот претседателот бил од Институтот за географија. По повлекувањето на овој учебник, рече, средношколците ќе учат од дидактички материјали додека не се изработи нов и посочи дека ќе има целосна реформа на учебникарството и се подготвува нов закон за учебници. Пропустите во учебниците, додаде Шабани, ќе бидат системски решавани со ревидирање на тие што имаат недостатоци.

Комисијата која донесе одлука за повлекување на овој учебник, кој бил одобрен по наставна програма од 2002 година, констатирала дека учебникот по географија е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат на дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата, а исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование.

Министертството за образование и наука соопшти дека во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, меѓу клучните чекори е обезбедување квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование. МОН информираше дека новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него системски се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците.

Во барањето да се повлече овој учебник, од Алијанса за Албанците имаа наведено неколку цитати кои ги сметаа за несоодветни и навредливи за Албанците во Македонија:

• На страница 99 е наведено дека „Меѓу Албанците во Македонија има родови кои себе се сметаат за староседелци, главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примиле исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и по некој род кој потекнува од некогашните Турци или Черкези.“

•На страница 99, Албанците се претставени како опасност за државата каде што е наведено дека „Населувањето на нови Албанци во Република Македонија не е завршен процес, и тој се одвива и денес – почетокот на XXI век. Ваквото, на моменти неконтролирано, населување може на најразлични начини да им наштети на сите во Република Македонија.“

•На страница 104, е наведено дека „ населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, планирано, со помош на турската власт или локалните аги и бегови, кои го дозволуваа доселувањето на албанско-муслиманското население. А ова ни кажуваат бројни автентични сведоштва. Македонците ги протерувале од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање – тепање, опожарување и слично.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.