Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за вестите на Алфа телевизија изјави дека време е да се формира влада на национален спас за да ѝ се помогне на државата.

Државата е во амбис, очигледно е дека не знаат како да се справат со предизвиците. На дневна основа имаме катастрофа, девастирање на нашиот здравствен систем, во образованието е ужас, буквално ужас ништо не функционира. Економијата е катастрофална. Ќе имаме пад и во третиот квартал, ќе имаме пад и во четвртиот квартал. Ги гледате проекциите од страна на релевантните институции, тие одат во надолна линија, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ништо граѓаните не знаат,никој не излегува да и каже какви размери ќе има епидемиолошки овој втор бран, бидејќи Македонија никогаш не излезе од првиот бран на КОВИД-19.

Состојбата со земјоделието е ужас. Појдете во Тиквешијата, прашајте ги лозарите по која цена годинава им се откупуваше грозјето. И прашајте ги дали ветените субвенции им се исплатени, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека сега оризопроизводителите, тутунарите се наоѓаат во слична ситуација како лозарите.

Во овој момент единствено преостанува овие неспособни Монти Пајтон политичари да ги напуштат тие позиции и да дојдат луѓе кои знаат да се справат со предизвиците. Се плашам дека ако поминат уште неколку месеци, ќе влеземе во ситуација од која што нема да можеме да се вратиме за брзо време назад. Државата ќе ни се испразни, нагласи Мицкоски.

Мицкоски се осврна дека и Собранието во државата не функционира. Владиното мнозинство нема доволен број на пратеници за да може да спроведува политики, за да може да спроведува закони, како што следи ребалансот, тука се и низа закони кои што ќе значат определен квалитет за функционирање на бизнис-заедницата и граѓаните.

Затоа повикавме, било како да ја наречеме оваа Влада да биде техничка, Влада на национален спас, било како, широка Влада, нешто кое што ќе даде доверба кај граѓаните дека некој води сметка. На луѓето им е преку глава од евтини политички трикови, вулгарности во рамките на Парламентот или на социјалните мрежи. Луѓето сакаат да видат стратегија и визија тоа што денеска не го гледаат како потенцијал во овие Монти Пајтон политичари под името на Зоран Заев и СДСМ. Под итно треба да се повлече чекор назад, потенцира Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.