САД даваат значајна поддршка на Владата во спроведување на активностите насочени кон економски раст и стабилност и зајакнување на демократските практики и институции. Потврда за тоа се двата потпишани амандмана на Договорот за грант за партнерство за развој со што дополнителната сумa за оваа година е во висина од 3,5 милиони американски долари. Анексите на Договорот ги потпиша министерот за финансии Фатмир Бесими.

Договорот со УСАИД за грант за партнерство за развој беше склучен на 6 мај годинава во износ од 8,3 милиони американски долари. Со потпишаните два анекса на Договорот се зголемува износот на грантот за дополнителни 3,5 милиони американски долари, односно вкупниот износ на доделени средства оваа година од овој грант изнесува 11,8 милиони американски долари. Овие дополнителни средства се наменети за зајакнување на економската конкурентност и борба против корупцијата.

Како што соопшти Министерството за финансии, Договорот за грант за партнерство за развој е во согласност со Стратегијата за развој и соработка 2020-2025 година со кој се предвидени вкупно 56,6 милиони американски долари. Овие средства се наменети за трите развојни цели преку кои УСАИД и помага на Македонија да има водечка улога во остварување на нејзиниот развој, како најнов сојузник и 30-та земја членка на Западниот воен сојуз НАТО, како и при почнување на преговорите за пристапување во ЕУ.

САД преку УСАИД досега во земјава за развој има инвестирано над 833 милиони американски долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.