На свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија е потпишана Заедничка декларација за интеграција на Република Македонија во структурите на НАТО, со што се заокружи процесот на воена интеграција на нашата држава во Алијансата.

Заедничката декларација ја потпишаа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Сојузничката команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ.

Во своето обраќање на свечената церемонија, претседателот Стево Пендаровски истакна дека потпишувањето на декларацијата покажува дека државата постигнала значајни резултати по само една и пол година членство и го потврдила кредибилитетот. Според Пендаровски, комплетирањето на овој процес претставува успех и за Алијансата во целина.

Сето ова, не значи и крај на поширокиот реформски процес. Напротив, ова значи дека мора да продолжиме да ја унапредуваме демократијата и функционирањето на мултиетничкото општество и при тоа, да ги почитуваме постигнатите билатерални и мултилатерални договори. Се обврзавме дека до 2024 година ќе го постигнеме прагот да одвојуваме 2% од БДП за одбраната. Иако се случуваат непредвидливи работи, како пандемијата или енергетската криза кои притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, сепак, одбраната и безбедноста се основата за функционирање на сите други општествени сектори – изјави Пендаровски.

Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски оцени дека денешниот чин ја отсликува и ефектуира тридецениската напорна и посветена работа во сите сегменти како држава, но и како Армија, со цел да станеме дел од најмоќната воено-политичка алијанса.

Сакам да нагласам дека целосната интеграција и трансформација на нашата држава е еден континуиран процес кој практично никогаш не завршува, туку напротив претставува постојано адаптирање на Армијата и нејзините внатрешни процеси кои водат до целосна интероперабилност со останатите членки на НАТО, а се со цел успешно справување со современите предизвици со кои се соочуваме – изјави рече генералот Ѓурчиновски.

Командантот на Сојузничката команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ истакна дека крајот на интеграцискиот процес на Македонија во НАТО е навистина огромен успех не само за Македонија, туку и за Алијансата.

Потпишувањето на оваа заедничка декларација не претставува само важна одредница за вооружените сили на Македонија, туку ја потврдува силата на Македонија како веродостоен и значаен член на Алијансата, земја-членка која има волја и има можност да ги приспособи својата структура и сили кон потребите и барањата на НАТО – изјави генералот Лавињ.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска оцени дека денешниот чин покажува дека членството на Република Македонија во НАТО беше заслужено како резултат на крупни, сериозни и многу амбициозни реформски процеси.

Дозволете ми да честитам на сите оние кои што учествуваа во овој важен процес, да им честитам и да им се заблагодарам на многуте часови поминати со невидлива работа. Заради тие многу часови невидлива работа, денеска видливо можеме да се пофалиме за овој голем историски успех. Година и половина од нашето членство да кажеме дека ги исполнивме сите услови за целосна воена интеграција со најмоќната воено политичка алијанса. Тоа покажа дека сме сојузници на кои НАТО може да се потпре, дека стоиме на својот збор како најнова членка на НАТО, дека сме способни без одлагање да го реализираме тоа што сме го презеле како обврска и дека гарантираме рамноправен придонес во сите мисии и сите операции на НАТО – изјави Шекеринска.

Претходно, претседателот Пендаровски го прими командантот на Сојузничката команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.