Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со Натали Лоазо, министерка за европски прашања при Министерството за Европа и за надворешни работи на Француската Република, по што беше потпишана Спогодба помеѓу владите на двете држави што се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки.
На средбата било оценето дека Спогодбата, со што се зголемува фондот на часови по француски јазик во средните училишта и воведувањето франкофонски двојазични паралелки е чекор во насока на унапредувањето на соработката помеѓу двете држави, за што постои интерес од двете страни.
Нема сомнеж за Франција дека иднината на Македонија е во Европската унија, додаде министерката Лоазо, која дополни дека треба да се изоди дел од патот, а тука ги посочи реформите значајни за европските перспективи.
Министерката Лоазо, како што се наведува, оцени дека договорот за Спогодбата е доказ за посветеноста на Република Македонија кон Франкофонијата.
И премиерот Заев во изјавата посочи дека денешниот настан во Скопје е значаен доказ за пријателството помеѓу Република Македонија и Француската Република.
Спогодбата што ја потпишавме во областа на образованието, е силна политичка порака дека Република Македонија, во Француската Република гледа голем пријател и партнер во реформите и напорите за напредокот на нашата држава, како на домашен така и на меѓународен план“ рече премиерот Заев.
Тој го посочи потпишувањето на спогодбата во областа на образованието со Француската Република како еден од чекорите во наведената насока.
Еден од тие чекори е и оспособувањето на младите луѓе во нашата земја со квалитетот на наставата и со познавањето европски јазици. Да бидат на професионалното ниво со своите врсници во Европа. Францускиот јазик е еден од јазиците што активно се употребува во ЕУ и нашите напори ги насочуваме кон создавањето услови, младите луѓе да ја почувствуваат Европа во својата земја и да бидат конкурентни на европскиот пазар, додаде премиерот Заев.
Министерот за образование Арбер Адеми во изјавата објасни дека Договорот предвидува поддршка за основање франкофонски двојазични паралелки во средните училишта во кои 25 проценти од содржините по најмалку два предмета ќе се изучува на француски јазик и наставниот предмет француски јазик ќе се изучува најмалку пет часа во неделата.
Во моментов има седум училишта со ваков тип на настава, односно паралелки, но отворена е опцијата понатаму да се вклучат и други училишта каде што постои интерес и желба за изучување на францускиот јазик и за отворање двојазични франкофонски паралелки, објасни министерот Адеми.
Тој рече дека процесот ќе биде поддржан од двете страни, преку прецизно дефинирани обврски, изготвување нов наставен план и наставни програми, обезбедување обуки за наставниците, соодветна опрема, а учениците ќе се стекнат со диплома на која ќе биде наведено дека образованието е завршено преку двојазична франкофонска настава.
Министерот Адеми го оцени договорот како исклучително важен за младите за познавањето и едукацијата на еден од најчесто користените јазици на светската мапа на јазици.
Верувам дека ќе има интерес од страна на младите, бидејќи висока е свеста кај нив за овој факт, а тоа се гледа и по честиот индивидуален избор – предметот француски јазик, изјави министерот Адеми.
Пред потпишувањето на Спогодбата се одржа средба на ниво на делегации. Премиерот Заев на состанокот рече дека верува, дека нашата држава со Договорот од Преспа, со реформите што ги спроведува, во правосудниот систем, во безбедносните служби, во борбата против корупцијата, во јавната администрација, вклучително и со зголемувањето на бројот на заинтересираните странски инвеститори за инвестирање во земјава и со спогодбите како денеска потпишаната со француската Влада, се посочува, покажува дека и овде живее духот на Европа и дека можеме да дадеме придонес во заедничкото европско семејство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.