Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, го потпишаа новиот Колективен договор на Министерството за внатрешни работи, со цел понатамошно квалитативно надградување на сите социјални и професионални, нормативни и други стандарди неопходни за подобрување на условите на работа на вработените.

Според Спасовски, потпишувањето на новиот Колективен договор и измените во голема мерка ќе имаат позитивна рефлексија во однос на синдикалните, социјалните и професионалните права на вработените во институцијата.

Формулиравме три нивоа на новини: почнувајќи од интервенции од формално-правен карактер, потоа предлози од страна на Македонскиот полициски синдикат, како и интервенции и решенија кои произлегуваат од досегашната имплементација на Колективниот договор. За мене, за актуелното раководство на МВР, клучно беше, а така ќе остане и во иднина, строго придржување кон реформскиот курс што го одредивме уште на почетокот на мандатот. за динамично и сеопфатно нормативно, структурно, материјално-техничко унапредување на сите аспекти на работа на Министерството, следствено општествените потреби, како и потребите што произлегуваат врз основа на нашите евроатлантски интеграции и цели, притоа сообразувајќи се во целост со стандардите и вредностите на функционирање на полициите во ЕУ – изјави Спасовски.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, како дел од работната група формирана токму за изготвување на Колективниот договор, а предводена од државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, истакна дека со новиот Колективен договор, вработените ги задржуваат сите права што ги имале и досега.

Во соопштението од МВР се вели дека меѓу поважните новитети во Колективниот договор се употреба на родовиот речник и терминологија и тоа првпат во еден Колективен договор во државата, предвидена е нова одредба за заштита на работниците кои имаат три ефективни години до остварување на правото на пензионирање по сила на закон со навршување на 40 години пензиски стаж, при што тие не може да бидат распоредени на работно место во нивоа пониски од нивото на работното место на кое работат согласно Класификацијата на работните места, освен во случај на дисциплинска мерка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, изречена согласно закон и одредбите од овој колективен договор.

Понатаму, предвидено е домашно дежурство како посебен работен услов кој подразбира обврска за работник со статус на неуниформиран полициски службеник, кој не работи во смени, надвор од работното време да биде во состојба на приправност дома или на одредено место, при што предметната одредба, покрај обврските за работникот, содржи и референца за правото на работен додаток на плата за домашно дежурство, кој изнесува 5 отсто од час.

Со Договорот се предвидува и право на платено отсуство, во случаите кога работникот го претставува Министерството или учествува како дел од државна репрезентација на спортски, културни и други манифестации, а ревидирана е и одредбата за работниците – доброволни крводарители, за кои е предвидено право на три слободни работни дена во кои се засметува и денот на давање крв, за секое давање крв, кои по правило се користат последователно и непосредно по денот на траење на основот, но не подоцна од 30 дена од денот на давање крв.

Предвидена е и одредба за посебна заштита за ноќна работа, со децидно уредување на категоријата работници за кои се однесува, при што оваа категорија работници има право на соодветна храна или надоместок за трошоци за исхрана во висина од 20 отсто од просечната нето плата по работник исплатена во Република Македонија во претходната година, сразмерно за деновите кога работникот работи ноќе.

Колективниот договор предвидува и јубилејна награда во висина на една половина од месечната просечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци – за непрекината работа во ефективно траење од 10 години во Министерството, покрај досегашното решение за доделување на јубилејна награда за непрекината работа во ефективно траење од 20 години во Министерството, како и еднократен паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност, на работничка – мајка, за секое новородено дете и за работниците кои со решение на министерот се назначени за ментори, во висина од 150 евра во денарска противвредност, за временскиот период во кој спроведуваат обука во случаите утврдени со закон и одредбите од овој Колективен договор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.