Висок процент на одложени рочишта, низок надомест од државата за бесплатна правна помош и дополнителни и непотребни трошоци при постапувањето и учеството на лица со посебни потреби во постапки кои се водат пред нотар покажува мониторингот на граѓански судски постапки во основните судови во Македонија кој го спроведе Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“.

Како што информираат од коалицијата, активноста „Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Република Македонија“, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, е поддршка за подобрување на пристапот и квалитетот до правда со посебен фокус на граѓанските судски постапки и ранливи категории на граѓани, маргинализирани групи и лица со попреченост, во основните судови во Македонија.

Како што стои во соопштението, во рамки на мониторингот, набљудувачите кои биле ангажирани за потребите на овој проект биле присутни на 1.200 судски расправи во 10 основни судови во сите четири апелациони подрачја во државава.

Првичните податоци констатираат висок процент на одложени рочишта кој се должи на отсуство на надворешните субјекти на постапката, како на пример вешти лица или пак доказен материјал кој произлегува од овие лица или останати докази во постапката, но не изостануваат ниту одлагања поради отсуства на странки во постапката.

Надоместот кој државата го предвидува за бесплатна правна помош е релативно низок имајќи ги предвид европските стандарди, а државата не располага со соодветни механизми за надзор за квалитетот на овозможената правна помош како од  давателите на примарна, така и на секундарна правна помош.

При постапувањето и учеството на лица со посебни потреби во постапки кои се водат  пред нотар, согласно постечката регулатива се воведуваат дополнителни и непотребни трошоци за истите. Имено, Законот за нотаријат предвидува решение во кое како  задолжителни ги внесува сведоците во постапката кога правните работи лично ги  преземаат глуви лица кои не знаат да читаат или неми лица кои не знаат да пишуваат. Имајќи предвид дека во овие случаи е задолжително повикување на толкувач кој би ја овозможил комуникацијата помеѓу овие лица и нотарот кој остапува, се доведува во прашање легитимноста на оваа одредба.

Истражувањето покажува дека сите категории на лица со попреченост се соочуваат
со потешкотии во поглед на пристапноста до суд и до правда, со што им е ограничено правото на фер и правично судење под еднакви услови како за сите согласно законите и меѓународните прописи.

Од добиените одговори од 17 нотари, 9 извршители и 42 адвокати се утврди дека  адвокатските, нотарските и извршителските канцеларии главно се сместени во деловни објекти, или половината од нив, додека 45 проценти се сместени во станбени згради, а 5 проценти во индивидуални куќи. Дури 68.8 проценти од објектите во кои се сместени канцелариите немаат пристапна рампа, односно не се пристапни за лица кои се движат со помош на количка, а во 75 проценти од објектите во кои се сместени канцелариите нема функционални лифтови.

Целосната публикација можете да ја најдете на следниот ЛИНК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.