Во пресрет на денешниот последен ден од предизборната кампања за Локалните избори на 17 октомври, партиите ги продолжија активностите со средби со граѓаните ветувајќи, како што наведоа, издржани проекти според реални состојби, истакнувајќи дека изборите се од суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата во следниот период и изразувајќи убеденост во изборна победа.

На последниот ден од кампањата за Локалните избори 2021 караванот „Најдоброто за мојата општина“ на коалицијата предводена од СДСМ ќе одржи предизборни собори во Арачиново, Велес и Куманово.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Карбинци, Лозово, Свети Николе и во Штип, а прес-конференција ќе одржи и независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, која е поддржана од оваа коалиција.

Левица ќе има „завршна дружба“ со избирачите во Градскиот парк во Скопје, а средба со граѓаните во скопската општина Центар ќе има и Движењето „Одлучно за промени“ предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП.

Демократската Унија за Интеграција денеска ќе ја заврши изборната кампања таму каде што и ја започна, со собир во Гостивар.

Движењето Беса ќе има изборни активности во Тетово, а прес-конференции ќе одржат и кандидатот за градоначалник на Град Скопје на Твоја партија, Александар Тортевски и носителката на листата на кандидати за советници на НВО „Зелен Хуман Град“ за Скопје, Драгана Велковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.