Оваа година избраниот хибриден модел на наставата даде одлични резултати, без застој во образованието, а притоа се заштити здравјето на учениците и наставниците како и колективното здравје. Тоа покажа дека образовниот систем може да се справува со вакви потреси.

Тоа денеска до Охрид го посочи министерката за образование и наука Мила Царовска која беше во посета на средните стручни училишта во градот.

Царовска истакна дека моментално фокус на Министерството за образование и наука е вакцинација на наставниот кадар. Покрај учителите од прво до трето одделение, имунизацијата продолжува со прва вакцина за преостанатите наставници и професори, како и на одговорните лица за спроведување на матурата. Според неа, предвидена е одредена динамика на вакцинирање на наставниот кадар група по група, а преостанува после спроведувањето на матурата да се утврди начинот како ќе се одвива учебната година од септември.

Моја заложба и на Владата е училиштата повторно да бидат полни со ученици, тоа би сакала уште утре да се случи. Но, значајно е епидемиолошката состојба да се процени и да се почитува стручното мислење на Комисијата за заразни болести. Во моментот кога ќе има официјален став истиот ќе биде изнесен пред јавноста, рече таа.

Во врска со начинот како се спроведуваше наставата оваа учебна година, како и за проектот за дигитализација на учебници, Царовска посочи дека образовен систем демонстрирал способност за адаптација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.