Најголем процент поднесени рекламации до АД Пошта на РСМ – давателот на универзалната услуга, има за препорачани пратки, додека давателите на поштенски услуги на слободниот пазар најмногу рекламации имаат за услугата пакети, наведува Агенцијата за пошти во статистички извештај за првата половина од 2020 во однос на истиот период од 2019 година.

До АД Пошта се доставени 445 рекламации во првите шест месеци од минатата година, за 271 помалку во однос на истиот период од претходната година кога имало 716. Зголемување на рекламациите има кај приватните поштенски оператори, од 253 во првото полугодие од 2019 на 302 во истиот период од 2020 година.

Како што стои во извештајот, до АД Пошта се доставени 420 рекламации за препорачани писма и девет за пакети, додека кај приватните оператори најмногу рекламации, 161 , има за пакети, по што следат тие за препорачани писма, 92, па за обични писма, 22, а четири рекламации се регистрирани за вредносни пакети.

Анализата од Извештајот покажува опаѓање од 15 проценти на вкупниот обем на поштенските услуги за првото полугодие во 2020 година во однос на истиот период во 2019 година. Опаѓањето е резултат на намалување на обемот и кај давателот на универзална услуга за 16 проценти и кај давателите на поштенските услуги за осум проценти.

Следејќи ја состојбата со пандемијата која започна во март 2020 година, која беше проследена со затворања на голем број дејности, очекувано е и да има пад на овој вид на услугите и зголемување на малите пакети и пакетите.

Регистрирано е зголемување на пакетските услуги (мали пакети + пакети) за 56 проценти, како резултат на големата понуда на онлајн услугите и нивното користење од страна на корисниците.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.