Португалската државна секретарка задолжена за ЕУ, Ана Паула Закариаш, порача дека нејзината земја која претседава со ЕУ до први јули годинава се надева дека ќе се деблокира спорот со Софија и ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Закариаш за МИА порача дека проширувањето на ЕУ е приоритет за португалското претседателство, што започна на први јануари и трае до триесетти јуни оваа година.

Таа додаде дека во тек се контакти со двете страни – Скопје и Софија – за изнаоѓање на решение за билатералниот спор кој го кочи отворањето на преговорите со ЕУ.

-Започнавме со политички контакти со Бугарија и Република Македонија за да успееме да изнајдеме пат кон отворање на процесот, и за време на нашето претседавање да се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија, но и со Албанија, изјави Закариаш денеска во Брисел.

Државната секретарка на Португалија додаде дека во овој момент се потребни дополнителни политички разговори помеѓу двете страни и увери дека Лисабон тоа ќе го прави во дух на доверба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.