Согласно ЕУ директивите ќе има новини околу породилното отсуство. Тоа ќе трае 12 месеци, но товарот нема да падне на Фондот за здравство, туку тоа се пари што ќе се префрлат од централниот буџет преку Министерството за труд и социјална политика.
– Сѐ уште нема детали до крај за новото решение што ќе се најде во новиот Закон за работни односи, кој пак, според оптимистичко сценарио во драфт верзија би требал да биде готов во јуни. Анализата ја правиме, меѓутоа она што е ново во однос на породилното отсуство е периодот на мајчинство што ќе го користи мајката како задолжително нејзино право, понатаму предвидуваме родителство кое би го користеле и мајката и таткото и разговараме за можноста за татковство што ќе биде многу кратко како на пример период од десеттина дена, рече министерката за труд Јагода Шахпанска.
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, вели дека новото решение за породилно отсуство не е на товар на работодавачите.
– Треба да се земе предвид дека имаме нарушен пазар на труд, односно дека недостасува работна сила, а од друга страна и да се земе предвид кариерниот равој на мајката, односно дека предолго отсуство би можело да ѝ наштети на кариерата во едно вакво динамично време на знаења и технологии. Затоа и се предвидува комбинирано породилно отсуство, на мајката и на таткото, рече Димитров.
Секретарот на Советот на Сојузот на синдикати на Македонија, Здравко Цветсковски, смета дека зголеменото породилно отсуство може да придонесе да се размислува за повеќе деца, што е многу важно, затоа што наталитетот е во постојан пад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.