Поради фејсбук-статус во март, во кој укажал дека дел од директорите во ЈП „Македонски шуми“ биле заразени со Ковид-19 и дека тоа го криеле од своите вработени со што го довеле во опасност здравјето на останатите колеги, агрономот Кирче Михаилов е оставен на улица.

Раскажувајќи ја својата приказна пред медиумите, Михаилов вели дека е жртва на политички реваншизам, зошто од директор на подружница, по брза постапка станал чувар на рампа, па добил решение за суспензија, а неодамна и отказно решение од работното место самостоен референт за расадничко производство.

Јас сум една од низата жртви што се најдоа на улица без корка леб, само затоа што сум неистомисленик со оваа власт. Ова е класичен пример за тоа како не треба…Во оваа држава дојде животот дури и за магарињата, меѓутоа нема живот за Македонецот. Јас бев вработен во „Македонски шуми“ во Струмица, бев префрлен во Радовиш и оттаму го добив Решението за престанок на мојот работен однос, расажува револтирано Михаилов.

 

Според него, апсурдот да биде поголем, по само два дена од неговата фб-објава, се испоставило дека наводите во неа биле точни.

Тоа се потврдило со јавното писмо на вработените од Подружницата во Велес, која, без никакво официјално образложение за вработените, едноставно била затворена на неопределено време.

Јас останав без работа, затоа што напишав една единствена реченица на фб, на мојот личен фб-профил и тоа во период кога бев на неплатено отсуство. Веднаш штом се вратив на моето работно место, вториот ден добив дисциплинска, бев суспендиран, па ми беа поднесени редица кривични и прекршочни пријави, за една реченица, која што, за жал, беше вистинита. Ништо ниту излажав, ниту навредив. Меѓутоа, очигледно е дека онаа позната на Фрчкоски, ќе ја тераат – вие избркајте ги, па Судот нека ги враќа, објаснува Михаилов.

Телевизија „Алфа“ за обвинувањата на Михаилов побара став и од ЈП „Национални шуми“, но досега не добиле одговор.

Инаку, Михаилов тврди дека тој не бил единствената жртва на ваквиот реваншизам. Со слични шиканирања се соочила и група од десетина негови колеги – поддржувачи, како и член од потесното семејство кој бил прераспределен на работа од Струмица во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.