Една пратеничка на СДСм е позитивна на Ковид-19, поради што парламентарното мнозинство ги нема потребните 61 глас за обезбедување кворум, поради што Собранието денеска не успеа да ја избере судијката Добрила Кацарска за член на Уставниот суд.

Шеесет и еден глас се потребни за избор на уставен судија, додека за кандидат од немнозинските етнички заедници е потребно и Бадентерово мнозинство.

Претседателот на Собранието Талат Џафери потсети дека уставниот судија се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и информира дека, бидејќи нема услови за одлучување по однос на оваа точка, ќе се гласа во моментот кога ќе се создадат услови за гласање.

Инаку, и во текот на денешната расправа, опозицијата настапуваше со оценка дека Кацарска не е соодветен предлог за уставен судија и затоа побара предлогот да биде повлечен, додека пратениците од владејачкото мнозинство потсетуваа дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ судството било донесено до најниско можно ниво.

Пратеникот Владо Мисајловски, кој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека предлогот Кацарска да биде уставен судија е награда затоа што таа помогнала да се промени уставното име на Македонија.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, рече дека има сведочење од обвинител оти Кацарска влијаела на судски постапки, што е спротивно на законот и што е основа за разрешување, а не за наградување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.