Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) соопшти дека донеле одлука да започнат со подготовка за протести поради, како што велат, недостаток на конструктивен и транспарентен дијалог со Министерството за образование и наука (МОН).
Од Синдикатот велат дека со протестите сакаат да побараат вклучување на просветните работници, преку наставничките совети во секое училиште, во креирање на образовните реформи, како и зачувување на работните места на сите вработени во секторот образование.
Дополнително, во одлуката која ја споделија на социјалните мрежи, од НСОН бараат и исплата на двојно зголемениот работен учинок на наставниците од прво до трето одделение, исплата на плата во законски предвидениот рок и во висина согласно колективниот договор, како и исплата на додаток на плата или обезбедување на организиран превоз за вработените во руралните средини.
„Одлуката за започнување на протести НСОН ќе ја достави до сите здруженија на наставници како и до сите формални и неформални групи на просветни работници кои искажаа огромен револт во врска со моменталната состојба во секторот образование, и истите ќе бидат поканети да му се придружат во НСОН и да учествуваат во претстојните протести, стои во одлуката на Синдикатот.
Од НСОН посочија и дека во следниот период засилено ќе работат на зголемување на бројот на членови, за да се зголеми нивната синдикалната моќ за спроведување на протестите и исполнување на нивните барања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.