Во текот на вчерашниот ден, во Македонија биле вратени двајца припадници на македонската армија кои покажале непрофесионализам и ја нарушиле дисциплината во базата на КФОР. Од Генерал штабот на Армијата и Министерството за одбрана за „Нетпрес“ потврдуваат дека се вратени двајца војници поради непрофесионално однесување.

Причината за предвременото враќање на овие двајца припадници е поради непочитување на предвидените стандардни оперативни процедури и норми за однесување на секој припадник на мисијата, како и предвидените правила и норми на однесување и нарушување на угледот на Армијата на  Република Македонија од страна на нејзините припадници, се вели во одговорот на ГШ на прашањата од „Нетпрес“ во врска со овој случај.

За настанот на 15 април била известена министерката Радмила Шекеринска, а веќе наредниот ден е донесено решение според кое двајцата припадници на Армијата се враќаат во Македонија десет дена порано.

Од ГШ најавуваат дисциплинска постапка против недисциплинираните војници во мисијата на НАТО во Косово.

ГШ на Армијата остро го осудува секој облик на непрофесионален и непримерен облик на однесување вон пропишаните стандарди и норми од страна на кој било армиски припадник каде било и во кое било време, особено при изведувањето на задачи во мисиите, истакнуваат од ГШ.

Претходно „Курир“ пренесе дека според нивните информации двајцата припадници на АРМ биле вратени поради недисциплина и алкохолизираност, поточно затоа што пиеле алкохол додека биле на мисијата во базата на КФОР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.