Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека е потребен посебен економски пакет мерки кој ќе се однесува на новинарите и медиумските работници, со оглед на фактот дека, како што посочуваат, тие се една од главните алки во борбата против ширењето на коронавирусот и извршуваат работа од јавен интерес.

ССНМ се повикува и на повикот на Европската федерација на новинари до националните влади, Европската комисија и Европскиот парламент за брза, таргетирана и координирана акција за поддршка на сите медиумски работници – вработени, слободни новинари и самовработени – како одговор на разурнувачкиот социјален и економски удар од глобалната криза со ковид-19 во медиумскиот сектор. Ковид-19 нанесе тежок удар на медиумските слободи во целиот свет. Во оваа пандемија европските граѓани имаат потреба од професионални, економски обезбедени новинари повеќе од кога и да е, посочуваат од ССНМ во соопштението.

Истовремено, тие се повикуваат и на десетиците изјави на претставниците на власта кои се однесуваа на значајната улога на новинарите и медиумските работници во борбата со пандемијата, како и постојаното изразување благодарност за работата на новинарите.

ССНМ ги поздравува досегашните мерки преземени од Владата за помош на медиумите, но сметаат дека неопходна е и финансиска помош за новинарите и медиумските работници, поради тоа што голем број од нив се соочија со намалување на платите, а некои и со отпуштање од работа.

Се бара ослободувањето од 100 проценти од придонесите за вработените во медиумите кои не отпуштиле ниту еден вработен во текот на кризата, освен со спогодбен прекин на работниот однос, заминување во пензија или со други одредби од ЗРО, со исклучок на технолошки вишок за времетраењето на мерката и давање отказ без отказен рок. Мерката да важи и за медиумите кои им ги намалиле платите на новинарите и медиумските работници, но само доколку се обврзат ваквото ослободување да го искористат за да им ги вратат скратените средства на своите вработени. Враќањето на средствата се одвива паралелно со спроведувањето на мерката.

Од ССНМ предлагаат оваа мерка да не важи за медиумите на кои надлежен суд со правосилна пресуда одредил дека го прекршиле Кривичниот Закон кое се однесува против здравјето на луѓето, со цел кревање на свеста за борбата против лажните вести, односно важноста на професионалното новинарство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.