Професорот и актуелен советник во Советот на Град Скопје, Владо Поповски во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека ние сме со посебен јазик и историја.
Да ги развиваме добрите економски односи, да го спречиме јазикот на омраза кон Бугарите, конечно Бугарите ни се близок народ. Бугарија низ историјата прими најголема македонска емиграција, веројатно има околу два милиона Бугари со потекло од Македонија, исто така има и во Србија, но помалку. Тврдењето на таа основа дека ние сме Бугари и дека јазикот ни е бугарски не е точно – истакнува Поповски.
Професорот вели дека тоа е толку излитен аргумент бидејќи Бугарите се повикуваат на средновековна Бугарија, на цар Симеон кој ја владеел Македонија.
Имаме заедничка историја со Бугарија, Србија, Византија каде што грчкиот елемент беше доминантен два века, со Турција пет века заедничка историја, а заедно сме живееле со Албанците најмногу под различни власти и ние сме со заедничка историја. Ние сме дел од таа историја, но ние сме посебен народ со посебен јазик – порачува Поповски.
Професорот одговори на тоа дали се согласува со министерот за надворешни работи Бујар Османи за настап кон Бугарија без емоции.
Тој порача дека нема разговор за идентитенските прашања.
Нема разговор за идентитетски прашања дека ние сме и се чувствуваме Македонци, дека нашиот јазик е македонски. За тоа не можеме да расправаме – потенцира Поповски.
Тој истакнува дека според информациите, спорот со Бугарија е поради тоа дали сме ние Македонци од 45-та година, како што е бугарската теза и како резултат на влијанието на коминтерната на Сталин и Тито, а до тогаш сме биле Бугари, и второ дали нашиот јазик е како посебна гранка од словенските јазици или е варијанта на бугарскиот јазик како западна варијанта на бугарскиот јазик.
На овој план би требало, како што е пракса во Европа, историјата и историските прашања да се остават на историчарите, да се разграничи политиката од историјата – додава Поповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.