Оваа 30-та Годишна конференција на УМС преставува значаен јубилеј за сите членови, кои поминале низ УМС, кои 30 години од генерација на генерација го пренесуваме аманетот, работиме за Македонија, работевме и ќе работиме за генерациите млади кои доаѓаат, рече Сергеј Попов
Тој нагласува дека оваа годишна конференција се организира во една исклучително сложена политичка ситуација во која Македонија е втурната од страна на власта. Проблемите кои ги создаде оваа власт се понижувачки за народот и со далекусежни последици. Ништо не им е свето, нивниот идеал е чиста кражба која се врши врз граѓаните, неодговорно работење и никаков влог за иднината. Од сето ова најголема штета претрпуваат младите кои се заглавени во мочуриштето на власта, безперспективноста и апатијата. Овие чувства кај младите луѓе се реалност и се оправдани, денес нема млад човек кој гледа иднина во Македонија. Ваквата ситуација која ја живееме сите, мораме да ја промениме. Мораме како и нашите предци неуморно да се бориме за посветла иднина, за повеќе можности, за подобар живот. Мораме да го следиме идеалот за Македонија. Младиот човек е силно разочаран, и му недостига искра за борба, a таа искра сме ние, таа искра која ќе им понуди на младите луѓе, иднина каква што заслужуваат во Република Македонија.
Апатијата која владее е оправдана, бидејќи младите беа брутално искористени од оваа власт кога беше опозиција. Изманипулирани младите луѓе се исплашија за момент од политичкиот активизам поистоветувајќи ги сите политички субјетки. Ги повикаа младите на улица да се борат за повеќе и подобро, им ветуваа се и сешто, а на крајот им го одземаа и она кое го имаа. Јас како претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ви ветувам, заврши тоа време на лаги и манипулации. ВМРО нема да дозволи таков товар на себеси, никогаш ВМРО нема да дозволи манипулација со иднината на Македонија, со нас, младите, кои треба со љубов да ја водиме нашата Македонија во успеси. Не смееме да помислиме дека надежта која делумно младите ја изгубија пред извесен период е целосно потоната, затоа што овој период низ кој поминуваме сите заедно сплотени ќе не направи уште посилни, уште похрабри, ќе не претвори во вистински Македонци – решителни од секоја битка да излеземе како победници.
УМС е организација која од ден на ден расте и ќе продолжи да расте. Унијата ќе се грижи за сите прашања кои ги засегаат младите и предизвиците кои ги носи модерното живеење. Идеалите на ВМРО се оние за кои ние отсекогаш сме се залагале и ќе продожиме да го правиме тоа, ќе одговараме на прашањата кои го засегаат целиот свет и ќе се приспособуваме на предизвиците на 21-от век. Се бориме за здрава и чиста животна средина, подобрување на условите во образованието и животите на најмладите, на средношколците и на студентите. Се бориме на секој млад човек да му биде загарантирана еднаквоста во можностите, еднаква стартна позиција при потрагата по среќа, просперитет и успех.
УМС не е обичен партиски подмладок кој постои без причина, без своја приказна и цел. УМС од секогаш била, е, и ќе остане авангарда на младинскиот политички активизам. УМС и натаму ќе продолжи да биде предводник на сите промени и ќе се осигура, проблемите со кои ние младите се соочуваме секогаш да бидат решени. Ќе останеме мегафон на секој оној кој се чувствува обесправено, на секој млад човек кој е заборавен и оставен на маргините, а неговиот глас замолчуван и претставуван како неважен.
Затоа, Ве повикувам сите да ни се придружите. Нека различностите не спојат во точката која не води до целта, а целта е рушење на оваа власт и иднина каква што заслужуваме.
Има ли поубав пример од македонската фудбалска репрезентација, кој докажува дека сплотеноста и вербата на различностите за светла иднина, успеси и победа е тајната на успехот? Но пред се, да го сакаш искрено знамето и државата за која играш и се бориш.
Ќе продолжиме да работиме и да се бориме, од ден во ден ќе влеваме надеж кај секого дека Македонија не е оставена сама на себе. Македонија има една цела армија на млади и енергични луѓе. Една унија составена од индивидуи кои ги обединуваат четирите свети букви и уште поважно идеалот за создавање на подобро утре на секој еден млад човек во државата. На секој еден од нас кој иднината ја гледа во оваа земја. Луѓе подготвени да бидат промената, која сите сакаме да ја видиме.
Сега ќе упатам порака до нашиот политички опонент, до социјалдемократската младина, не одете по патот на пропаста кој го трасира вашиот лидер, излезете од мантрата на понижување,која ве користи за лично богатење и опстојување на власт, утре вие ќе го носите товарот дека сте направиле штета на сопствената земја. Земја која треба да ја градиме сами со свои идеи, цели и сили. Тешката ситуација во Македонија е она кое сите нас не обединува.
Нашата кауза и борба не познава разлики, знае само за една разлика: Дали сме за Македонија или сме за стагнација и апатичност? ВМРО и УМС како најважен дел од борбата ќе го поведе процесот на обнова, со кој ќе зачекориме во успеси и подобра иднина. Македонија нема повеќе време за губење и Македонија нема повеќе деца за губење. Сега е времето кога ќе се исправиме пред сите предизвици, достојни сме и способни да се справиме со сите проблеми, да изградиме општествен систем и да си обезбедиме соодветна иднина. Македонија ќе ги победи сите предизвици! Македонија ќе успее!
Кон сите оние кои се сомневаат во сето ова што го говорев, би им порачал дека е време да се променат, од луѓе кои критикуваат и се сомневаат, да се претворат во луѓе кои веруваат. Индивидуи кои веруваат дека ние сме иднината, дека силата на Македонија е во секој еден од нас и дека УМС е онаа која ќе истрае во борбата и ќе опстане. За Македонија повторно да биде моќна како некогаш, за Македонија, да биде просперитетна како никогаш и за Македонија да ни биде вечна засекогаш.
А сега, би сакал да го поканам човекот кој ќе остане запишан во историјата како борец и лидер во најтешкото време за Република Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, човек кој верува дека ние сме иднината, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.