Новинарот Бранко Героски предлага разумно, без предубедувања и одговорно да се разговара за можноста пописот да паузира барем неколку месеци, до очекуваното подобрување на епидемиолошката слика во Македонија.

Ковид-19 во овој момент ја држи Македонија на колена. Бројките се застрашувачки. Секојдневно имаме повеќе од 1.000 новозаразени, смртноста е многу висока, а процесот на имунизација на населението е на мртва точка. Мислам дека сите ќе се согласиме дека во вакви околности, попишувањето на населението и на домаќинствата е сериозен ризик. И дека нема аргументи за настојувањето да го прифатиме тој ризик како нужност, вели Героски во својата колумна објавена на Плусинфо.

Героски предлага откако ќе почне вакцинацијата, август-септември, попишувањето да се одвива на отворено, со што ќе се намали или целосно ќе се елиминира опасноста од ширење на вирусот. Исто така, вели тој, дотогаш би имало можност попишувачите да бидат вакцинирани со две дози.

Конечно, што толку ќе се изгуби ако пописот се одложи неколку месеци? Или, прашањето да го поставиме во обратната насока – што толку ќе се добие ако попишувањето се спроведе сега, по цена на создавање нови, пописни кластери? Очигледно е дека одлуката пописот да не се одложи е последица на инает и на покажување мускули во политиката. За жал, овој пат тоа навистина може да нè чини прескапо. Апелирам власта да го одложи пописот, а опозицијата да не го охрабрува бојкотот. Мислам дека тоа е добра основа за еден разумен компромис во вистинско време, заклучува Героски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.