Иако вчера во спортскиот центар „Борис Трајковски“ почна масовната вакцинација на граѓаните, попишувачите нема да бидат дел од приоритетните групи за имунизација поради тоа што има одложување на пописот. Истовремено, граѓаните што требаше да го спроведуваат пописот, нема да бидат попишувачи затоа што ќе има нов конкурс за попишувачи.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за „Плусинфо“ вели дека ќе има нов конкурс за попишувачи, зашто пописот ќе се одржи дури по пет месеци. Сепак, Симовски вели дека ќе бара од Министерството за здравство како приоритетни сега да бидат вакцинирани околу 6.000 теренци и вработени во Статистика кои секојдневно се изложени на зараза од Ковид-19.

Приоритетни за вакцинација се вработените во АРМ, МВР, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите. Во оваа група пред одложувањето на пописот беа и попишувачите.

Се очекува новиот конкурс за попишувачи Статистика да го објави во втората половина на јули и новите попишувачи да бидат имунизирани во август.

По одложувањето на пописот за септември, целиот процес ќе се повтори. Пред одложувањето, попишувачите беа во приоритетните за вакцинација, но пет месеци е долг период и можно е во меѓувреме дел од нив да се вработат, а услов е попишувачите да се невработени. Ќе го повториме конкурсот за попишувачи, секако тие кои веќе беа избрани ќе имаат предност доколку повторно се јават на огласот. Се надевам дека до септември ќе се смени и ситуацијата со пандемијата, бидејќи сега имавме многу попишувачи кои се откажаа поради страв од зараза. Добро е и што почна масовната имунизација – вели Симовски.

Тој се надева дека до септември новите попишувачи барем ќе примат една доза од вакцината против Ковид-19, а можеби и двете дози, во зависност со која од вакцините ќе бидат имунизирани.

Сепак, Симовски додава дека во конкурсот не може да наведат дека услов за избор на попишувачи е тие да бидат или да сакаат да се вакцинираарт затоа што со тоа ќе направат дискриминација, бидејќи имунизацијата не е задолжителна туку доброволна и е оставена на свеста и волјата на граѓаните.

Повеќе на „Плусинфо“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.