Помалку од 70 лица се имунизирале на студетскиот вакцинален пункт на УКИМ кој беше отворен пред 13 дена.

За да им се олесни пристапот за имунизација на студентите, од 9 септември профункционира пункт на Скопскиот универзитет, сместен до влезот на Економскиот факултет. Во секој работен ден од 8 до 14 часот, покрај за студенти, отворен е и за сите со намера да се вакцинираат. Може да избираат меѓу „Фајзер“ и „Синовак“.

Од медицинскиот тим во пунктот за МИА велат дека откога е отворен, вакцина примиле околу 70 лица, во некои денови имале и по 15, а понекогаш покрај студенти се вакцинираат и нивни родители, па и случајни минувачи.

На почетокот немаше многу интерес, но не беа доволно информирани. Пратен е мејл до сите студенти и сега сите се известени. Досега имаме вакцинирано околу 70, во просек од 10 до 15 дневно, изјави д-р Ангела Димитриевска.

Различни се мотивите на тие што дошле да примат вакцина, но повеќето, вели, за да може да влезат во кафулиња и ресторани каде што се бара сертификат за вакцинација.

Филип Крстевски, запишан во прва година на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска прими прва доза од „Фајзер“ на пунктот отворен на кампусот на УКИМ зашто, вели, сака да е подготвен и заштитен за академската 2021/2022 година што ќе почне идниот петок.

Се вакцинирав за да може да ги следам предавања со физичко присуство бидејќи така е најубаво, рече за МИА бруцошот од Скопје кој пунктот треба повторно да го посети за втора доза во средината на идниот месец.

Новата академска 2021/2022 година на 1 октомври ќе почне комбинирано за студентите на Скопскиот универзитет, односно предавањата од зимскиот семестар ќе се следат со физичко присуство и онлајн. Невакцинираните ќе немаат обврска од сертификат за вакциниа, ниту потврда за ПЦР-тест.

Во отсуство на протоколи за високото образование, за наставата со физичко присуство ќе важат генералните мерки што се применуваа и во минатата академска година за организирањето на испитните сесии – носење заштитни маски и физичко растојание. Обврска за медицински потврди засега нема ни за сместување во студентските домови.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.