Мнозинството од младата популација, односно 69 проценти од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина (27 отсто) кои биле консултирани на локално или национално ниво, покажува студијата на МОФ „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Според студијата изработена по повод Меѓународниот ден намладите бројот на испитаници кои никогаш не биле консултирани се намалил за 15 отсто во споредба со истражувањето од 2019 година, што претставува подобрување.
Важноста од вклучувањето и активноста на младите генерации ја покажува податокот дека младите кои се вклучени во младинско организирање, имаат попозитивна слика за себе и своето место во општеството.
Влезот во Европската Унија е важна тема за младите, но оптимизмот кај нив е опаднат во споредба со 2019 година. Како што информираше претседателката на МОФ, Стефани Спировска, речиси половина (44 проценти) од испитаниците веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година.
Само една третина од младите (29 отсто) сметаат дека властите се запознаени со нивните потреби и проблеми. Кога станува збор за младите лица со попреченост, само осум проценти сметаат дека властите целосно или прилично се грижат за нив и нивните проблеми.
Според студијата, анкетираните млади покажуваат висока свест за гласањето, од нив на парламентарните избори во 2020 гласале 74,7 отсто. Една петина од младите (20,3 проценти) велат дека редовно преземаат активности за решавање на општествени проблеми, а една третина од тие кои делувале (33,4 отсто) успевале да го решат проблемот.
Пандемијата не ги одмина младите, речиси на 15 отсто им се намалила платата во текот на кризата, додека шест проценти ја изгубиле работата. Во поглед на образованието, младите кои се во образовен процес даваат просечна оцена 3 за квалитет на наставата за време на пандемијата.
Извршниот директор на МОФ, Димитар Низамовски, на прес-конференцијата ги презентираше клучите препораки за да се подобри животот на младите во земјата.
Дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на Ковид-19.
Ова се само дел од клучните поенти на истржувањето
– Помалку од една четвртина (23,8%) од младите сметаат дека државата се движи во правилна, а 35,4% во погрешна насока.
– Само една третина од испитаниците (30,5%) веруваат дека за 5 години државата ќе биде подобро место за живеење за младите.
– Две третини од младите (64,8%) се незадоволни од своето место во општеството.
– 58% од младите би се иселиле од Македонија, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата.
– Речиси 8 од 10 млади (77,3%) луѓе сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби.
– 83,9% од младите веруваат дека не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите
– Мнозинството млади (62%) сметаат дека Владата недоволно посветена на решавање на проблемите на младите, додека само од 1 од 4 млади луѓе (24%) имаат позитивно мислење во однос на работата на Владата
Истражувањето било спроведено преку телефонска анкета од страна на ТИМ институт во 2020-та година, а е изработено од Младински образовен форум и Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.